33 години постоење на Македонското литературно друштво Григор Прличев, во Сиднеј

March 30, 2011
33 години постоење на Македонското литературно друштво Григор Прличев, во Сиднеј

Македонското литературно друштво Григор Прличев во Сиднеј, Австралија ја прослави 33- годишнината од формирањето.

Член на Литературното друштво „Григор Прличев“ е и нашиот Иван Трпоски, каде е ангажиран и како архивар и библиотекар.
Во информацијата на Иван Трпоски по повод годишнината на Друштвото, која ја пренесува Ohrid news меѓу другото се вели :

“Литературното друштво, пред 33 години е формирано од страна на група македонски ентузијасти, вљубеници во прозата и поезијата.    Душан Ристевски е првиот избран претседател на друштвото, во кое се зачленети десетици вљубеници на убавиот македонски литературен јазик.
Од активностите на Друштвото исто така вредно е да се одбележи и традиционалниот конкурс за “Прличева награда” за поезија и проза каде најдобрите дела се наградуваат во три категории; првите и вторите награди се во плакети и третите награди со комплети книги.
Поради покажаните успеси во полето на литература и култура, тоа е  наградувано, како од страна на македонската заедница во Австралија, така и од страна на австралиската јавност. Се уште не добило никакво признание од татковината Македонија.
Улогата на Друштвото е насочена кон одржување и ширење на Македонскиот јазик, литература, култура и историја на австралиските простори.
Друштвото Григор Прличев во својата 33 годишна макотрпна работа има објавено 60-тина списанија Повод, 50-тина збирки песни, драми, раскази, поеми од своите членови, а круна на сето тоа се објавените два зборници на македонски јазик и една антологија на англиски јазик.

Убаво е да спомнеме и тоа дека друштвото Григор Прличев е единствено друштво во светов кое работи самостојно, без ничии патронат. За помошта од Македонија, пак, ни е мошне чудно: Кога немавме своја држава, добивавме повеќе помош од тогашните југо-власти, сега имаме држава, за која го кревавме гласот до небо, но не добиваме никаква помош, велат македонските иселеници, членови на друштвото”.

Волинците Иван Трпоски (во првиот ред) и Трпо Трпоски ( стои во горниот ред втор оддесно)

Волинците Иван Трпоски (во првиот ред) и Трпо Трпоски ( стои во горниот ред втор оддесно)

Пишува: Зоран Ногачески

Поврзани написи