Бадник е, утрово ќе ве разбудат коледарчиња

January 6, 2013
Бадник е, утрово ќе ве разбудат коледарчиња

За православните христијани денес е Бадник, денот пред големиот празник Божик. Според Јулијанскиот календар, секоја година Бадник е на 6-ти, а Божик на 7-ми јануари. Прекрасни денови кога семејството станува едно и ја очекува и прославува веста за Христовото раѓање.

Бадник е познат уште како Коледе, бидејќи  уште од самото утро во секоја куќа се слуша гласот на децата коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет го симболизираат гласот на ангелите за раѓањето на Исус Христос. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, круши, парички ,за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.

Во Волино коледарчињата ја пеат следната коледарска песна:

Коледе леде, паднало греде, гутепа деде, дедо се жали, баба го плачи.

Оф леле старче, кусо магарче, земи си клече, утепај мече,

земи си стапче, утепај врапче, коледе!

Обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик се разликуваат од  село до село, но она што е заедничко секако се  богата посна софра (на Бадник навечер), коледниот оган заедно со дрвото Бадник или Бадникојца, месењето на кравајче, пита или погача во која се става  пара и коледицата проследена со многу коледарски песни.

Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Христос.

Поврзани написи