Бегај, бегај поганијо ете ти го Еремија

May 14, 2011

На ден 14 мај по новиот, односно 1 мај по стариот календар е празникот Еремија, посветен на Свети Пророк Еремија.

Нашиот народ Еремија го празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи. Иако и на други пролетни празници се изведуват обичаи за заштита од вакви штетници, се чини дека тоа најповеќе се прави вечерта спроти Еремија.

Имено, спроти Еремија  вечерта на стемнување се бркаат / падат/  змиите. Обично домаќинките ги обиколуваат куќите и дворовите и ѕвонат со ѕвонци ( клопотарци) или порано на  кацја( вид на лопатче со кое се вадело жар од огниште) се  ставало  оган, врз оганот се посипувалот ќуќур и се одело од дупка на дупка каде што претпоставувале дека има змии, тропале  со машата врз кацјата, чаделе и викале:

Бегај бегај гадуријо,

ето ти ја Еремија,

ќе ти мотат черевата

со железно мотојло.

Откако ќе начаделе добро, кацјата ја оставале во некој агол да изгасне и рано утрото јаглените ги исфрлале на буниште.

Во повеќе краишта на Македонија на овој ден се прават црепни ( черепни- во кои се печело леб). Нив ги прават само жените кои за таа цел копаат специјална земја, потоа ја сеат за да ги отстранат камчињата, ја газат додавајќи некои примеси за црепните да се поцврсти и да не се кршат.  Се верувало дека жените што на Еремија ќе прават црепни таа година не ги касале змиите.

Секој минувач поздравувал со „Железни ви црепни“ зашто ако ги поздравел со друг поздрав црепните не ќе траеле, и бргу ќе се кршеле.

Поврзани написи