Богојавление – Водици во Волино – традиција и обичаи

January 18, 2014
Богојавление – Водици во Волино – традиција и обичаи

19 јануари…Богојавление-Водици…ден кој сите го чекаат со возбуда…ден кога се предава крстот од старите на новите кумови. Во Волино Водици се празнува само еден ден (19 јануари). Утрото на знакот од камбаната се оди во црквата Св.Богородица каде има богослужба, односно Богојавленска литургија..

Потоа,се вадат црковните бајраци и икони и се оди на сретсело, на местото каде се врши фрлањето на крстот, во регулираниот тек на речното корито.Порано, пред Втората светска војна според кажувањата на постарите волинци  крстот се фрлал во старото корито на река Сатеска. Во периодот на комунистичката власт кога се забранувале верските манифестации крстот се фрлал во дворот на црквата, во голем сад-котел.Тој што ќе го фател крстот бил кум за следната година, а тој што ќе ја најдел парата во нафората бил негов помошник. Од 1989 година селото е поделено на два дела и редоследно крстот оди по куќите и секоја година има два нови кума  долномаалски и два нови кума горномаалски. Ако некој не го земе крстот по редот како што доаѓа, крстот не се враќа назад и за да се земе крстот треба да се чека околу 30 години. Со воведувањето на новиот начин на определување на кумството се врати повторно фрлањето на крстот во речното корито. Неколку години додека речното корито не беше регулирано крстот се фрлаше во реката, во Горна маала, каде се попречуваше водата, а од 1994 година крстот се фрла во специјално изградениот простор, во центарот на селото.

Највозбудливо е фрлањето и фаќањето на крстот. По крстот се фрлаат само членови на оние домаќинства кои редоследно треба да го преземат кумството. Пред самиот чин на фрлање на крстот попот ги пее и осветува водите каде се фрла крстот. Порано пред или за време на фрлањето на крстот секој ставал слама ржаница во реката, со која потоа се заврзувале овошките (за родност) и просториите и вратата на куќата и пондилата.

По фрлањето на крстот присутните земаат од осветената вода, а манифестацијата продолжува во Црквата каде се пеат погачите и пчениците од кумовите и потоа се раздаваат на присутните верници, со традиционалната чашка топла ракија. Потоа, новите кумови со крстот одат во секоја куќа во селото и секој од домашните го дарува крстот со пари.

Даниел Митрески - Минатогодишниот фаќач на светиот крст

Даниел Митрески – Минатогодишниот фаќач на светиот крст

По ова, во текот на целиот ден се посетуваат домовите на старите кумови, кои даваат свечен ручек и на новите кумови за да им се честита кумството.

Во Волино оваа година стари кумови се – Даниел Митрески, Мите Јанкулоски и Љубиша Нически., а нови кумови се- Никола Митрески, Небуша Костески, Борче Славчо Стоески и Пере Тупанчески.

Поврзани написи