Црковниот бунар дом на смоковите

February 18, 2017
Црковниот бунар дом на смоковите

Од памтивека бунарот во дворот на Црквата “Св.Богородица”  е живеалиште на смокови. При секоја посета на црквата граѓаните љубопитно  погледнуваат во бунарот за да видат некој смок. Тие се домаќини, чувари. Од кога знаеме за себе, смоковите се тука. Никој досега не се осмелил да ги избрка ниту, пак, да ги убие. И да го видиме смокот спружен на бунарот или околу него само ќе му речеме ај тргни се, имаме работа, тој ќе се одвлечка на друго место- велат за смоковите постарите волинци.

Инаку смокот е вид на неотровна змија. Според стручњаците во Република Македонија досега биле евидентирани 16 видови змии, од кои десетина смокови ( жолт, балкански, шумски, планински, леопардов, длабочепен и др.).

Кај народот постоело верување дека во секоја куќа постои стопан (стопанка), демонско битие кое се грижи за домот и сè што живее во него. Како стопан најчесто се сретнувале змиите, неретко смок. За нив се сметало дека ги истребуваат штеточините, дека ја вардат куќата од злите демони, дури и припадничките од сопствениот род кои се отровни и сакаат да му наштетат некому од домот. Таквите змии не се бркале и убивале, се верувало дека биле од Господ поставени како чувари на куќата и во секоја куќа која немала сопствена змија чувар немало напредок и среќа. Уште пострашна коб се нафрла во домот во кој некој од домашните ја убие змијата. Тоа верување пак, се доведува во врската дека змијата стопан според народните верувања била душа на претците. Змијата ‘стопанот’ можела да биде заштитник на полињата (нивите) и лозјата, се верувало дека таквите места се заштитени од невремето и демонските сили.

Пишува: Зоран Ногачески

Поврзани написи