Денес е Цветници

April 28, 2013
Денес е Цветници

Христе Боже, за да не’ увериш во општото

воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна
Лазара од мртвите. Затоа и ние, носејќи

како децата знаци на победата, Ти викаме Тебе,
Победителе на смртта: Осана во висините!
Благословен е Оној што иде во името Господово!

/Молитва за Цветници/

Празникот Цветници секогаш се слави во неделата пред Велигден, затоа што тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Христос ќе биде погубен.   Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња, пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.

Цветници, според црковните канони е празник на детската радост, затоа што според евангелијата, Исус, во Ерусалим рекол: “Пуштете ги децата кај мене, затоа што нивно е царството небесно”.

Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни.

Пречекувајќи го Исус, воодушевениот народ со цвеќе, но и со својата облека го постилал патот и пеел: “Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.

Денешниот ден не повикува подлабоко да ја доживееме тајната на тие случувања.
Во се што ќе доживееме овие денови е скриена и тајната на нашето верување во Исус Христос, нашиот Спасител.
Цветници е подвижен празник и зависи од тоа во кој ден ќе падне Велигден.

Саботата пред Цветници е Лазарова сабота или кај нас позната како Лазара.

На тој ден Македонската православна црква  го прославува Воскресението на Лазар, споменот на последното Христово чудо пред Страдната недела и Воскреснувањето.Лазаревото воскресение, според евангелијата, се случило во Витанија и всушност е своевиден вовед во новата вера во воскреснувањето.Според преданијата, Исус стигнал во Витанија, четири дена после смртта на Лазар и го оживеал. Во христијанството овој празник ја означува победата на животот над смртта.

Денот после Цветници се вика Велики Понеделник и со него започнува Великата или Страсна недела.

Лазара и Цветници во Волино

Саботата што е осум дена пред Велигден во Волино е позната како Лазара, а нејзиното прославување продолжува и следниот ден, последната недела пред Велигден, на Цветници. Покрај другите одбележувања на двата празника, централно место имаат лазарките. Тоа се девојчиња облечени во типична, нова, народна носија. Групно одат, фатени за рака и пеат соодветни лазарски песни. Првиот ден одат по најпрометните улици, најчесто на мостот на каналот на река Сатеска, ги пресретнуваат минувачите, им пејат, не ги пуштаат додека не ги даруваат со пари. Ова во Волино особено беше атрактивно порано кога жителите на селата од Дебрца одеа, односно се враќаа од на пазар во Струга.При пресретнувањето најчесто се пее :

“Отвори го, отвори го, Лазаре, ќемерчето,

да ги дарвиш, да ги дарвиш, Лазаре, лазарките,

до година, до година, Лазаре, до амина,

порадосни, порадосни, Лазаре, повесели”.

Патникот/ пресретнатиот што ќе ги дарува лазарките го пуштаат, а тој што ќе успее да замине без да ги дарува го проколнуваат:

“Да ти влезит, да ти влезит, Лазаре,

лута змија во ќемерчето,

да изгризит, да изгризит, Лазаре,

парите!”

На Цветници лазарките одат од куќа на куќа, носејќи со себе кошница за собирање на јајца. При влегувањето во секој двор лазарките играјќи, пеат лазарски песни. Главно се пее за ерген, за девојка за мажење, за свршена девојка, за младоженец, за невеста, за момче или дете. Притоа, домаќините освен со јајца лазарките ги даруваат и со пари.Лазарките ги предводат највозрасните лазарки, таканаречени челнички.

Девојки во народна носија

На сите што имаат имиња на овие празници volino.mk им ги честита имендените, да се здрави и весели и да им е вековито името.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.