Денес е Водопост

January 18, 2012
Денес е Водопост

Денес, еден ден пред празникот Водици е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост.

На Водопост во Волино рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата Св.Богородица , каде попот ги пее крстовите и котлињата со босилекот оставени вечерта, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка ( лековита )  моќ. Потоа, кумовите ги земаат крстовите и котлињата со вода и киски од босилек и ја посетуваат секоја куќа во селото. Има двајца кумови кои ги посетуваат куќите во горномаалските улици на селото и двајца кумови за долномаалските улици. Кумовите најнапред ги посетуваат нивните куќи, а потоа редоследно ги поминуваат сите куќи во селото. Долномаалските кумови поминуваат редоследно од куќата на Никола Војданоски до куќата на Аргил Кожески, а горномаалските од куќата на Крсте Секулоски до куќата на Јонче Иваноски. По традиција во секоја куќа најпрвин кумовите се послужуваат со топла  ракија, а потоа и со веќе познатото јадење за водопост: посен грав, туршија , тазе месена погача од куќата,  црвено вино . Кумовите со осветената вода од котлето ги прскаат  членовите на семејството и собите со благослов-“Кај што помина чесен крст, да е чесно и бериќетно, кај што капнало капка вода, сребро и злато да капит, да се родит бериќетот. Да се живи луѓе, годината да биде родна, господ  да даде здравје”.Се прскаат и шталите  каде е сместена стоката, благословувајќи ја за здравје, живот и плодност. Кумовите ја кршат погачата со благослов-“како што се крши погачата така да се кршат амбарите со жито”…Сите членови на домаќинството го бакнуваат крстот и ставаат пари, а од котлето се зема од осветената вода за здравје, а исто толку вода се дотура во котлето.

При посетата на куќите кумовите внимаваат да не бидат искапени, бидејќи домашните и другите се организираат за да ги испрскаат кумовите, кои затоа одат облечени со облека која не пропушта вода. Но,и кумовите го користат секој момент да ги искапат присутните кои одат по нив. Ако ве фатат кумовите, капењето не ви бега. Порано, децата правеа посебни направи за прскање на кумовите, така наречени “штрчки”. Неретко има заедничко капење во реката на кумовите со оние кои одат по нив.

Поврзани написи