Денес се слави светиот великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден

May 6, 2013
Денес се слави светиот великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец меѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар.

Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на  пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за  раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

Од житието на Св. Георгиј
Св. Георгиј е роден во Кападокија, Мала Азија, од богати, чесни и побожни родители. Уште од детството останал без татко и мајка му заедно со него се преселила во Палестина каде што била родена. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. Подоцна кога умрела и мајка му целиот имот им го поделил на сиромашните.

Св.Георгиј ги земал во заштита и неправедно прогонетите и верувал во Господ Исус Христос.Поради тоа бил затворен и подложен на најжестоки измачувања со цел да се откаже од своето верување. Но,тој останал истраен во своето убедување, бидејќи Исус го храбрел да издржи, ветувајќи му дека ќе го земе кај себе.

Свети Георгиј бил убиен на 23 април (според стариот календар) односно на 6 мај (според новиот), 290 година и на овој ден секоја година се празнува споменот на великомаченикот.

На иконата Св. Георгиј е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја, која е под копитата на коњот. И според легендата Св. Георгиј ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.

Народни обичаи
Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: “Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу обичаи сврзани со овој празник. Почнуваат на 5 мај пред зајдисонце кога сите млади,  а можело и постари оделе  по ливадите и бавчите  каде береле гранчиња / потки/ и цвеќиња,  ги носеле дома каде ги закитувале портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните,  се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта. Според верувањето потките ги штитат куќите од разни опасности, а нивите и родот од несреќа. Во некои места еден боз се ставал пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе станел и излегувал надвор стапнувал на бозот за здравје.

IMG_3919

На Гурѓовден наутро децата со црвено јајце се поминуваат по лицето со зборовите: “Црвено, бело, дебело“, што значи децата да бидат здрави и црвени како јајцето.

Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е нишањето. На зелени дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести.

IMG_3862

Кога ги нишале момите најчесто се пеело:

Од гранка в гранка / се наведува името на девојката/ ,

да паднеш во скутот на / се мислело и пеело на нејзиното сакано момче или било на кое момче оти нечинело девојче да се нишало,  а да не му се именувало некое момче/.

А кога се нишало машко момче се пеело да падне во рацете на некое девојче.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Ѓурѓовден во Волино

Крсти носам Бога молам,

Господи помилуј!

Кај што врват чесни крсти

Господи помилуј!

Да зароси ситна роса,

Господи помилуј!

По полето, вино, жито

Господи помилуј!

По планини мед и млеко

Господи помилуј!

Да се ранат сирачина

Господи помилуј!

Кој без мајка, кој без татко

Господи помилуј!

 

На Ѓурѓовден во Волино се ваѓаат крсти, односно се оди с крсти.

Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнуваат засеаните нивје, куќите, плевните.Потката стои до жетва. Во минатото кога се жнеело рачно со срп кога ќе се дојдело до неа, се кршела од жетварот на чиј карак ќе се најдела, кој блосоел: како што крцка поткава, така да крцкаат амбарите со жито.

Утрото на Ѓурѓовден се вапцуваат јајца. Ако се вапцаат од вечер, нив не смее друг да ги види освен домаќинката. Таа утрото ги врви децата со јајцето по лицето, блосоејќи: црвено, бело, дебело.

IMG_3856

По биењето на камбаната, сите се собираат во црквата на утринска богослужба, за потоа, со дигање на бајраците, иконите и другите реликвии, заедно со попот се оди С КРСТИ. Патот по крсти е строго утврден, а започнува со два круга околу црквата “Св.Богородица” и продолжува до црквата “Св.Недела”, потоа до центарот на селото, кон Горна маала, се излегува кај мостот на каналот на реката Сатеска, по патот Волино- Мешеишта, до центарот и продолжува до Црквата “Св. Петка”,  преку местноста “Подлозје” се доаѓа до Црквата “Св.Никола”, по што крстите се враќаат во црквата “Св. Богородица”, каде се завршува со третиот круг околу црквата. Овој чин се обавува со пеење на обичајни песни, како што е песната крсти носиме бога молимесо која се испраќаат молби годината да има дожд за да има и бериќетПри одењето со крстите се посетуваат сите домакинства што сакаат да им биде домот посетен и кои пред куќата, во дворот имаат поставено мезе и пијалок за почестување.

По враќањето од црква на ручек се пречекуваат роднини и пријатели, а попладнето се излегувало на срецело на оро.Во поново време, за жал  орото на срецело се помалку го има, но сепак радува фактот што во последниве години се прават напори за обновување на традицијата, со поканување на естрадни уметници, кои го збогатуваат празнувањето.

Волинци и денес ќе ја продолжат долговековната традиција, затоа што традицијата е нашиот идентитет.

Празников денешен нека е за многу години,

Догодина пак да го славиме !

Поврзани написи

Коментарите се затворени.