Една година www.volino.org, ќе се слави со роденденска торта

December 28, 2011

Изминува една година  откако во онлајн светот сосема скромно и ненаметливо се појави www.volino.org,  веб страница за  Волино и Волинци. На 1 јануари 2011 година стартувавме со проектот  Волино-топлата страна од сонцето. Првичната цел ни беше  да ги искористиме можностите што ни ги дава информатичката технологија и интернетот и да креираме веб страница на која ќе можете да се информирате за се ново во Волино. По една измината година  имајќи ја во предвид посетеноста на страницата ( објавени 395 статии во сите категории  –просечно нешто повеќе од една дневно , преку 26 000 посети, преку 90 000 пати прочитани статии  и  180 фејсбук пријатели ) цениме дека сме на добар пат. Од Вашите коментари на објавените статии можеме да видиме дека ја имаме поддршката на Волинци и во татковината и во емиграција.

Благодариме на сите поединечно за поддршката и критиките во текот на изминатава година,  кои не мотивираат да продолжиме понатаму.

Посебна благодарност и до нашите Волинци и Македонци во емиграција, кои со своите прилози ги збогатуваа содржините на volino.org.

Благодарност и до нашите спонзори ( дадени на банерите) кои со свои средства помогнаа и помагаат Volino. org  да ја види светлината на онлајн светот.

За 2012 година планираме повеќе новини, од кои во оваа прилика ќе споменеме две-од 1 јануари 2012 година volino.org се ребрендира во volino.mk  и наскоро очекувајте го новиот дизајн на страницата. Ќе тежнееме   volino.mk  да прерасне во електронски медиум – портал  во вистинската смисла на зборот, медиум кој  секојдневно ќе пулсира со Волино и волинци, ќе го следи нивниот животот  од дамнина до денес ,  и ќе обработува содржини и теми од пошироко национално значење.

Како екипа која ги негува руралните вредности и руралниот начин на живот, после една година напорна работа која воедно ни претставува и уживање, ќе продолжиме да работиме за доброто на Волино и Македонија, каде и да се.

Благодариме што не следите и што сте дел од нас.

За крај, како секој роденден, така и првиот роденден на volino.org ќе се прославина вообичаениот начин, со славеничка торта.

Тимот на www.volino.mk  на ден 01.01.2012 година, со почеток во 18.00 часот, во просториите на Основното училиште приредува РОДЕНДЕНСКИ КОКТЕЛ, на кој ќе Ве послужиме со парче од роденденската торта и мал подарок-Верски календар за 2012 година, со логото на www.volino.mk Топлата страна од сонцето.

Поканети сте сите!

Ве очекуваме!

 

Тим на volino.mk

Поврзани написи