фото: Волино во 2011 година

December 31, 2011

 

Крајот на годината обично е период кога се сумира она што го одбележала годината што изминува. volino.org направи една ретроспектива на настани што ја одбележаа 2011 година во Волино.

 

Подолу е листа на настани и вести кои се случија во текот на 2011-та, не сите, секако, туку тие што привлекоа поголемо внимание и беа забележани од тимот и фотообјективот на volino.org.

 

 

01 јануари  2011 -официјално почна со работа volino.org или Волино-топлата страна од сонцето, прв и официјален сајт-електронски медиум за Волино.

01 јануари-Во добро расположение и весела  атмосфера Волинци ги прославија новогодишните празници. Во Café Bar Hollywood  дочекот на Новата 2011 година помина во одлична атмосфера. Задолжен за тоа беше маестро Јордан Митев.

 

07 јануари-Со коледарскиот оган и  со биење на камбаната во црквата “Св. Богородица”, точно во 00:00 часот беше најавено Христовото раѓање – Божиќ. Присутните, меѓусебно си го честитаа празникот: Христос се роди! Навистина се роди! Волинци го прославија Христовото Рождество-Божик.

 

 

 

07 јануари-И волинци  во САД иако толку далеку од својата татковина еден од најрадосните и најголемите христијански празници, Христовото раѓање – Божиќ го прославија во духот на македонските обичаи и традиции

 

 

 

10 јануари -Во центарот на Волино започнаа градежните работи за уредување на просторот околу Јарболот и делот од речното корито каде се фрла крстот за празникот Водици.Работите беа завршени пред празникот Водици, а ги финансираше Месната заедница.

 

 

 

 

13-14 јануари-Волинци под маски ја прославија Новата 2011 година според стариот календар ( Василица) ,продолжувајќи ја традицијата која датира оддамнина и трае до денес.

 

 

 

 

19 јануари-Со традиционално фрлање на светиот крст, во водите на реката Сатеска на сретсело, се одбележа големиот православен празник Богојавление – Водици во Волино. Оваа година најсреќен и најбрз меѓу скокачите беше Никола Трпкоски. Тој на сите Волинци и православни верници  им посака здравје, среќа успех и бериќет во годината што ни престои.

 

27 февруари– во просториите на Црковната трпезарија се одржа Црковно-народен собир на кој се избра нов Црковен одбор на Црквата Св. Богородица за наредниот четиригодишен период во состав : Диме Димоски ,свештеник –претседател ,Гулабин Бочески –благајник и членови – Живко Маркоски ,Душан Бочески , Димко Бочески ,Илија Митрески , Ангеле Велјаноски , Стефчо Трпкоски.

 

05 март-се одржа Прелиминарно собрание на сопственици и корисници на земјоделско земјиште од Волино на кое беше прифатена иницијативата за издвојување од Водната заедница “Сатеска” – Мешеишта и формирање на посебна Водна заедница “ Бел Мост” с.Волино, како здружение на водокорисници, а согласно законот за водните заедници.

 

 

 

13-март-на прес конференција Министерот за образование и наука Никола Тодоров и официјално потврди дека ново училиште ќе се гради и во Волино.

 

 

21 Март-Нашиот поет и писател Иван Трпоски кој повеќе од три децении живее во Австралија и активно е вклучен во повеќе македонски организации каде несебично работи за доброто на Македонците во Сиднеј и пошироко. награден е за долгогодишно работење во македонската заедница и унапредување хармонија меѓу етничките заедници во Сиднеј.

 

 

 

 

30 март-со доаѓањето на пролетта парот штркови се врати во своето гнездо на врвот од селското училиште со што слободно може да се рече дека Волино е  местото каде луѓето и штрковите секогаш се враќаат.

 

 

 

4 април-Министерот за образование и наука Никола Тодоров и Градоначалникот на општината Дебарца го потпишаа Договорот за регулирање на меѓусебните односи при изградбата на училиштето во Волино.

 

 

5 април– започна Велигденскиот турнир во мал фудбал “Охрид 2011”. На турнирот учествуваа  24 екипи, меѓу кои и екипата на ФК “Сатеска” од Волино, која стигна само до осминафинале.

 

 

 

17 април-Во Волино и оваа година достојно  и торжествено беше прославен големиот православен христијански празник Цветници /Лазара, денот на свеченото Христово влегување во градот Ерусалим .

 

 

 

 

 

19 април-се изведе  акција при што во паркот во центарот на Волино Волинци   засадија 37 украсни дрвца од сортата hamaciperis .Дрвцата се донација на фирмата Rozentalis, сопственост на Волинецот Љупчо Митрески.

 

 

 

24 април-Со биење на црковната камбана и со свеќи во рацете, како симбол на светлината на Христовиот гроб, Волинци ја дочекаа радосната вест за Христовото Воскресение-Велигден.

 

 

 

25 април-се одигра Волинското Ел Класико ( Горна маала-Долна маала). Екипата на Долна Маала ја оправда фаворитската улога во Волинското фудбалско дерби,  и во натпреварите со екипата на Горна Маала, на два добиени натпревари забележа победи во двата натпревари , со 5-3 во првиот натпревар и убедливи 4-0 во вториот натпревар и ја освои ветената награда, наместо четири, две гајби пиво.

 

6 мај-Со утринска литургија и традиционалното одење с крсти, со песната Крсти носам, Бога молам, Тропарот за Велигден и торжествениот поздрав Христос Воскресе-Вистина Воскресе Волинци го прославија празникот Ѓурѓовден, посветен на Св.Георгиј Победоносец.

 

 

 

6 мај-Во чест на Ѓурѓовден  на Гоце Делчев Арената се одигра ревијален фудбалски натпревар помеѓу сениорскиот тим на ФК Сатеска ( млади) и ветераните на ФК Сатеска ( стари). Младите беа пресилни за старите победувајќи со 7-2 ( 2-0).

 

 

 

Мај-Екипата на Сатеска учествуваше на Турнирот во мал фудбал во Враништа, на кој се пласира во осумте најдобри екипи.

 

 

 

 

3 јуни– беше пуштено во употреба новото осветлување на плоштадот во Волино.  На плоштадот се  поставени пет челични столба (канделабри) со висина од шест метри , со натриумови светилки од 150 вати, една канделабра, со висина од шест метри,  со две натриумови светилки ( во просторот до реката каде се фрла крстот) и две канделабри, со висина од три метри,  со топки фи 400 и живини светилки од 125 вати ( на Споменикот од НОБ).Средствата за осветлување на Плоштадот , во износ од 2.000 евра ги обезбеди општината Дебарца.

5 јуни-се одржаа предвремени парламентарни избори на кои победа извојува ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, со што премиериот Никола Груевски доби нов четири годишен мандат. Во Волино поднесените листи на кандидати го добија следниот број на гласови : ВМРО ДПМНЕ во коалиција со други партии ( 168 гласови), ВМРО-Народна партија (11 гласови),  СДСМ во коалиција со други партии (110 гласови ).

8 јуни-седумте волински полуматуранти заедно со своите соученици ја славеа полуматурата.

 

 

 

 

3 јули-Волинци во Австралија  покрај 13.059 Евра што ги испратија минатата година донираа уште дополнителни 2.000 АУСД за изградба на Црквата Света Петка. Средствата на Црковниот одбор му ги предаде членот на Организациониот одбор во Австралија Габриела Николоска-Трајаноска, која беше на одмор во Волино. Црквата се гради во местноста “ Св.Петка .

 

25 јуни-12 јули-Екипата на Сатеска учествуваше на Петровденскиот турнир во село Мешеишта и го освои високото четврто место во конкуренција на 36 екипи.

 

 

 

13 јули-со ископот на темелите за темелната плоча започна изградбата на новото типско монтажно училиште во село Волино.

 

 

16 јули-блесна Света Неделскиот крст во Волино. Осветлувањето на Крстот е извршено со илуминациски техники, со дворедни лед диоди, приклучени на мрежата на јавното осветлување. Вкупната вредност на изведените работи изнесува 1.640 евра, кои се обезбедија од донации на волинци и пријатели на Волино.

 

 

 

 

20 јули-Со посета на храмот Света Недела, палење свеќи за здравје и молитви, утринска богослужба, трескотот на тапаните и пискотот на зурлите и богата културно-забавна програма , со импресивниот настап на неповторливиот Јордан Митев , во придружба на Тајфата на Димо Дулот и Весна Диндева, на голем Црковно-народен собир волинци го чествуваа празникот посветен на Света Великомаченица Недела. На еден од најголемите одржани Црковно-народни собири покрај волинци присуствуваа верници од околните населени места и пошироко од Македонија.

01-10 август– се изгради трибина на западниот дел од спортскиот полигон во Волино.Средствата за изградба ги обезбедија општината Дебарца, Месната заедница и со донации на Волинци.

 

 

 

14 август-28 август-се одржа 14-то издание на турнирот во мал фудбал Пресвета Богородица-Волино 2011, на кое учествуваа 25 екипи..

 

 

 

 

 

28 август-Волинци ја славеа својата заштитничка-Пресвета Богородица. Екипата на Џале Турс од Пештани го освои првото место на 14-тиот турнир во мал фудбал Успение на Пресвета Богородица-Волино 2011.

Екипата на Сатеска играше во малото финале на турнирот во Драслајца и го освои третото место.

 

01 септември-започна новата учебна година. Во подрачното училиште во Волино во новата учебна година  учат само десет ученици, а во прво одделение се запишани две првачиња ( Иваноска Андријана и Короскоски Михаил).

 

 

08 септември-Две децении од прогласувањето самостојност беа одбележани со централна прослава во Скопје, под мотото „20 години  државност – 20 години независна Македонија – заедно под едно сонце“.

 

 

19 септември-Македонија ги пречекаа своите  херои. Илјадници граѓани  на аеродромот „Александар Велики“, низ улиците на Скопје и на плоштадот „Македонија“, им приредија величествен пречек на македонските кошаркарски репрезентативци кои го освија четврото место на Европско првенство во Литванија.

 

 

24 септември-Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски се обрати на 66-то Генерално собрание на Обединетите Нации. На свечениот ручек што беше организиран во чест на премиерот со претставниците на македонската дијаспора во Њујорк присуствуваше и нашиот волинец Звонко Тупанчески, со сопругата. Звонко е еден од најистакнатите активисти на македонската дијаспора во Њујорк и пошироко во САД.

 

Октомври-Со половично намален род, одлични временски услови за берба, започна“jаболкоберот” во Волино и околината.Октомври е месец кога се изведуваа и другите есенски земјоделски работи и се собира родот.

 

 

 

8 ноември-со празникот Митровден започнаа празниците кои како домашна слава ги празнуваат волинци, а кои завршуваат на 19 декември, со празникот Св.Никола.

 

 

 

 

26 ноември -Екипата на Сатеска во последниот натпревар од есенскиот дел на ОФЛ Охрид ја декласираше екипата на Дебрца ( Белчишта), победувајќи ја со 5-2. Есенва, во единаесет натпревари Сатеска забележа 4 победи, 6 нерешени натпревари и еден пораз или вкупно освоени 18 бода, за четврто место на табелата.

 

 

10 декември-Волинци во Австралија уште еднаш ја покажаа својата приврзаност и љубов кон родното Волино.Во нивна организација,  во Грингила се одржа Кафанска вечер, која имаше донаторски карактер,  за да се соберат парични средства за изградба на Светинеделската сала во Волино,при што беа собрани 5.600 долари.

 

 

22 декември– во 6.30 на северната полутопка на Земјата започна зимата. Во Волино првиот ден од зимата започна идилично бело со долгоочекуваниот снег.

 

 

 

 

За крај, Среќна нова 2012 година. Ви благодариме на сите поединечно за поддршката и критиките во текот на изминатава годината кои не мотивираат да продолжиме понатаму.

volino.org тим

Поврзани написи