Граѓаните на Волино бараат одговор на прашањето – зошто се копа по заштитниот насип од каналот на река Сатеска ?

January 22, 2016
Граѓаните на Волино бараат одговор на прашањето – зошто  се копа по заштитниот насип од каналот на река Сатеска ?

Во моментов во тек се градежни активности за изведба на фекалната канализација која треба да го поврзе селото Мешеишта со Колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро. Се работи за проект кој го имплементира општина Дебрца, а се финансира со средствата од заемот од Светска банка.

Деновиве  се копа на потегот помеѓу двата моста во село Волино, по самиот насип од каналот, од источната страна. Според проектот, трасата на канализационата мрежа требаше да поминува во самото подножје на заштитниот насип, а не по самото тело на насипот. Од приклучокот во колекторот се до пред селото Требеништа  се копаше според проектот, во подножјето на насипот, а во понатамошната делница од сосема непознати причини трасата е изменета и се копа по самиот заштитен насип. Сосема нејасно е зошто е изменета трасата, ако се има во предвид дека и земјиштето во подножјето на насипот и уште три-четири метри од него се дел од насипот, односно се сопственост на Република Македонија.

Граѓаните на Волино со право се загрижени и сосема оправдано бараат одговор на прашањето зошто е изместена трасата и кој воопшто одобрил, ако одобрил,  да се копа по самиот заштитен насип, кој претставува посебен водостопански објект.  Дали за тоа се информирани надлежните од Водостопанството на Република Македонија, чиј водостопански објект е каналот.

Со ваквите градежни активности директно се доведува во прашање стабилноста и водонепропустливоста на самиот заштитен насип, а кое нешто може да има големи штетни последици во случај на доаѓање на поголеми количества на вода по каналот.

При вчерашната посета на локацијата каде се изведуваат градежните работи можеше да се забележи дека изведувачот на работите Бокоп Боровец копа ровови длабоки 3-4 метри и дека земјата што ја вади ја депонира во самиот канал, а делницата каде е завршено копањето и се поставени цевките воопшто не е зарамнета и уредена. Дополнително, поради налегнување на земјата состојбата со теренот ќе се влошува.

Граѓаните на Волино со право бараат објаснување од општината, како и за изведувањето на градежните работи по самиот канал да се произнесат Водостопанство на РМ, надлежниот водостопански инспектор, како и Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

DSCN2450

Поврзани написи

Коментарите се затворени.