Илија донираше детско игралиште за најмладите

July 25, 2012
Илија донираше детско игралиште за најмладите

Најмладите на Волино  добија уште едно катче за игра и дружење. Во паркот, во центарот на селото е пуштено во употреба ново детско игралиште, донација на волинецот Илија Печоски. Игралиштето   содржи комбинирани детски реквизити, наменети за физички развој, рекреација и забава на децата  од претшколска и школска возраст. Игралиштето е опремено со лизгалка, нишалки, мајмунка, клацкалки и слонче. Во рамките на нарачката ќе бидат обезбедени и две полиестерски табли за кошарка за спортското игралиште. Вкупната вредност на донацијата изнесува 1.300 евра.

Илија, кој потекнува од Волино, роден е и со своето семејство живее во Crown Point Indiana USA. Иако е роден во Америка, кај него отсекогаш била голема љубовта и желбата да помага за Волино. Последниве години редовно доаѓа во Волино, во семејната куќа и на повеќе пати се јавува како донатор за Волино. Минатото лето кога престојуваше во Волино за ФК “Сатеска”  донираше спортска опрема, за празникот Василица оваа година од Индијана ги испрати василичарските маски, по негова нарачка е испеана песната “Волино во срцето” од вокалниот интерпретатор Новица Василевски. Ова лето освен детското игралиште донираше и три фудбалски топки за турнирот во мал фудбал, кој се одржува во чест на празникот “Успение на Пресвета Богородица”.

Освен тоа, Илија е активен и во македонската дијаспора во Индијана. Беше еден од организаторите за пречекот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој во месец мај оваа година во рамките на престојот во Чикаго, на Самитот на Нато Алијансата, ја посети и македонската дијаспора во сојузната држава Индијана,  САД.

Во името на жителите на Волино му изразуваме  искрена благодарност.

Поврзани написи