Импонзантна прослава на 35 години од Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ

September 25, 2013
Импонзантна прослава на 35 години од Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ

Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ( МПУО)– Австралија е непрофитна организација, која се грижи за изучување на македонскиот јазик во Нов Јужен Велс веќе 35години.  35 години македонскиот јазик им е достапен на илјадници Македончиња , чии што родители неуморно ги носат да го изучуваат македонскиот јазик и македонската култура. Македонската заедница е пионер во зачувувањето на јазиците на заедниците во НЈВ. Пред 35 години, кога е формиран , по бројот на учениците во НЈВ Македонците беа на првото место. За тоа секако се одговорни родителите, нив треба да им се честита. Заслужни се и првиот Претседател,Г-от Перо Кикереков, по него Претседатели беа: Г-от Тоде Кабровски, кој 25 години го водеше Одборот, Ѓорги Ѓоргиев, Цвета Чумковска, Зора Јанева и Жаклина Михајлова, која е актуелен Претседател на Одборот.Заслужни се и сите други членови на Одборот, кои низ текот на годините имаа разни задачи како потпретседатели, секретари, благајници, членови на школските одбори и многу други пријатели на македонскиот јазик. Во овие 35 години  Македонскиот Просветно Училишен Одбор е оригинално организиран. Имено, под закрилото на МПУО работат сите етнички училишта во НЈВ, а се води грижа и за редовните основни и средни училишта каде што се изучува македонскиот јазик. Одборот ја координира работата на училиштата, ги вработува и доедуцира на специјални семинари учителите, се грижи за афирмирање и промоција на училиштата, за зголемување на бројот на учениците. МПУО има подготвено соодветен Наставен план и програма за работа во училишта, а наставата се изведува на три нивоа: почетен, среден и напреден курс.

Во текот на годината МПУО има неколку големи манифестации на кои се промовира македонскиот јазик, нашата култура и традиција и се всадува во учениците љубовта кон македонските корени:

Свечената Академија за Кирил и Методиј, на која се доделуваат Награди за најдобрите ученици и поединци- волонтери во училиштата, Натпреварот по рецитирање на македонски јазик во НЈВ, на кој децата од 5 – 12 годишна возраст рецитираат на македонски јазик и Годишниот Концерт , кој традиционално се одржува на крајот на учебната година, а на кој децата пејат, глумат и го покажуваат тоа што го научиле низ годината, Матурска вечер на матурантите што го изучуваат македонскиот јазик, а МПУО доделува и една бесплатна карта за Македонија, за еден матурант , кој најмалку 5 години го изучувал македонскиот јазик во средното училиште.МПУО одржува часови по  македонски јазик за возрасни. МПУО е врската помеѓу училиштата и Министерството за образование на НЈВ, како и врска со училишта од Македонија . МПУО издава учебници по македонски јазик, помошен материјал за учителките  и за учениците. Работата на сите ентузијасти е доброволна, а Одборот е  непрофитна организација  и се финансира исклучиво од доброволни средства. МПУО е составен дел од Федерацијата за јазици на заедниците на НЈВ и учествува на сите државни прослави за образование.

IMG_0075

Оваа година Одборот ја доби големата и престижна Награда, Повелба на Македонија, што ја доделува Претседателот на Македонија, Господинот Ѓорѓе Иванов.

Прославата на 35 годишнината на МПУО се одвиваше во три дена, а започна во петокот, кога гостите – учителки од цела Австралија имаа Семинар по македонски јазик, на кој ги изучуваа новите методи во наставата по македонски јазик, употребата на ајпед во класовите, а разменија и практични искуства меѓусебно. Главното предавање го одржа Г-от Алекс Де Принцио, советник во Министерството за Образование на НЈВ.

Во саботата се одржа традиционалната матурска вечер во прекрасниот амбиент во Emporium Reception во Bankstown во присуство на многу гости , родители и наставници се прослави матурската вечер. Вечерта им беа врачени дипломите на 22 матуранти за успешно завршено изучување на македонскиот јазик во средното училиште.
Вечерта присуствуваа: Заменик – Директорката на Саботните центри за јазици во НЈВ со своите соработници . И оваа година големо изненадување предизвика доделувањето на наградата која ја доделува Македонскиот Просветно Училишен Одбор за НЈВ, – Авионска карта за Македонија, овојпат за најсреќниот ученик кој најмалку 5 години го изучува македонскиот јазик во средното образование. Среќата му се насмевна на Дилан Богдановски, која ќе патува за Македонија бесплатно. Врачувајќи ја наградата Претседателката на Македонскиот Просветно Училишен Одбор, Г-ѓа Михајлова истакна дека: “…изучувањето на македонскиот јазик е света работа. Со изучувањето на македонскиот јазик се изучува и нашата илјадници години стара традиција и култура, а со тоа се едуцираат младите да си ги сакаат и почитуваат корените….“

Матуранти по македонски јазик оваа година беа:Андреј Јосифовски, Ангела Ничоска, Дилан Богдановски, Гоге Спасевски, Клеопатра Јовческа,Кристина Коруновска, Маја Мицевска, Натали Талевска, Памела Марковска, Стефани Недановска, Стивен Најдовски, Анабела Николиќ, Арна Лешанска, Даника Митревска, Димитрија Димитровски, Кристијан Трајковски, Натали Бакрданиковска, Стефан Божиноски, Теодора Димитрова, Изабела Бојковска и Кристина Николовска.

Централната прослава на 35-годишнината на Македонскиот Просветно Училишен Одбор се одржа во неделата , во Културниот центар “ Илинден“ , што се наоќа веднаш до Црквата Света Петка во Рокдаел. Во преполнетата сала беше организирана одлична свеченост, достојна на јубилејот, со прекрасна Изложба што ја подготвија учениците и учителките .

IMG_0086

На сите свечености, како и на Главната во недеата присуствуваа и Г-та Љубица Талеска, Претседател на Учителската Асоцијација на Викторија, Г-та Кети Лазаридис- член на Управниот Одбор на македонското училиште во Перт, Г-та Лидија Нарашанова Смилевска- советник по македонски јазик, во Викторија, како и првите организатори на училиштата во НЈВ, Кире Пашовски, Панде Кондовски, Душко Марковски,Илија Велјановски- Чорба , како и многу сегашни родители, ученици и пријатели на македонскиот јазик. Присутните ги поздрави членот на Парламентот на НЈВ, Господинот Марк Кури, кој , меѓу другото ,истакна дека: “…..македонската заедница е значаен фактор во НЈВ и дека изучувањето на мајчиниот јазик е една од најважните работи што се организира во македонската заедница.

Поздравувајки ги присутните , Претседателката на МПУО , Жаклина Михајлова рече :

На сите , нека ни е честит Празникот, Јубилејот 35 години македонски јазик во НЈВ. Господ, да ни даде сила, разум, трпение и добри учители, да го одржиме изучувањето на македонскиот јазик на овие простори и да го имаме уште долго овој Одбор.

На Свеченоста говореше и младиот Филип Михајлов, млад говорник – мотиватор, кој им кажа на присутните дека иако е роден во Сиднеј, зборува шест јазици. “…Јас денеска зборувам како што сакам, а луѓето што зборуваат само еден јазик, зборуваат како што можат, рече Филип и им порача на учениците да го изучуваат мајчиниот јазик , затоа што тоа ќе им помогне да бидат поуспешни на повеќе полиња во животот.

Потоа гостите ја разгледаа богатата и огромна Изложба на детски ракотворби, базирани на македонскиот фолклор и традиција, а беа прикажани и филмови што ги подготвија учениците и учителките во училиштата каде што се изведува македонскиот јазик.

Честитки за сите што ја подготвија оваа прослава , а и за оние коишто во текот на годините помагаа да се сочува изучувањето на македонскиот јазик во Нов Јужен Велс.

Поврзани написи