Јавен увид во Избирачкиот список од 25 април до 4 мај

April 26, 2011

Во пресрет на изборите за пратеници закажани за 5 јуни и согласно  Изборниот законик, Државната изборна комисија ги известува граѓаните на Република Македонија дека Јавниот Увид во Избирачкиот список започнува на  25 април 2011 година во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 4 мај 2011 година. Увидот ќе се врши врз основа на местото на живеење на граѓаните во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и месните канцеларии на Управата за водење на матични книги, секој ден од 7.30 до 19.00 часот со можност за запишување, дополнување или бришење на податоците од Избирачкиот список. По 4 мај, согласно одредбите од Изборниот законик,  списокот се затвора и веќе не ќе може да се вршат промени на податоците.

Граѓаните проверката може да ја извршат и на интернет страницата на Државната изборна комисија www.sec.mk.

Со оглед  на тоа да на претстојните парламентарни избори за првпат ќе гласаат и државјани на РМ на привремена работа или престој во странство истите до 4 мај можат да поднесат Пријава за гласање со која се пријавуваат за гласање на претстојните избори. Пријавата се поднесува преку Дипломатско-конзуларното претставништво до Државната изборна комисија, своерачно потпишана, или по електронска пошта до Државната изборна комисија.

Поврзани написи