Југу-југу-у-у-у

February 28, 2017
Југу-југу-у-у-у

Неделата пред Прочка се вика  Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Понеделникот  се нарекува Сирни понеделник или кај нас во Волино е познат како Југу Југу . Од обичаите што се изведуваат на Југу Југу  интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави топеница –  „топејнца“ (издробен посув леб ,со додавање на маст ,во тепсија се затоплува под сач ), со кисело млеко или матеница (маштејнца) и се носи на гумното, каде утрото децата фатени за рака заедно со некој од домашните трипати вртат околу стожерот ( стежерот ) ,јадат и пејат : „ Југу-југу-у-у-у  ,ела ветре да јајме топејнца,/ на лето да  вејме чејнца, југу, југу, југу…“ Потоа се руча до стежерот.

На тој начин се сакало да се измоли јужниот ветар да дувне побргу зимата да замине ,а преку летото да дува за да може да се извее овршеното жито .Веењето на овршеното жито било најтешкиот дел од жетвата /вршидбата .Житото се жнеело со срп ,а потоа се вршело со коњи .По овршувањето на вравот ,од плевата требало да се очисти житото .Тоа се правело со дрвени лопати ,со кои се фрлало нагоре.Тоа одело полесно ако имало ветар ,а кога нема ветар житото паѓа на истото место . Токму затоа се бара веењето на ветрот да дојде да вејме чејнца .

Овој ритуал денес е само во сеќавањето на постарите Волинци .Одамна го нема жнеењето со срп ,вршењето со коњи ,ги нема стежерите во дворовите ,ги нема коњите .Веењето на житото едно време се вршеше со посебни машини –вејачки ,а од почетокот на осумдесетите години на минатиот век  се е заменето со комбајните.

 

 

Поврзани написи