Коледе леде!

January 6, 2011
Бадникова трпеза

Бадникова трпеза

Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера.

Во Волино на Бадник, утрото децата одат сколеда пеејќи ги коледарски песни:

Коледе, леде!

Паднало греде,

утепало деде.

Деде се жали,

баба го плачи,

оф леле старче

кусо магарче,

земи си клече

утепај мече,

земи си стапче

утепај врапче

Коледе!

Коледарчињата се даруваат со коледарчиња (мали лепчиња свиткани, отприлика, како келук). Сега се даваат костени, ореви, јаболка,бомбони, пари и сл. Порано, на стомнинањата им се редеа крстиња.

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“

Честит празник!

Поврзани написи