Летник – Празник на новото лето

March 14, 2014
Летник – Празник на новото лето

Летник е македонски празник, којшто се празнува секоја година на 14 март (според новиот календар) , односно на 1 март (според стариот календар) и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта воМакедонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролетта ,односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината.

Започнувањето на месецот март кој во народното сваќање се смета за пресвртница од зима кон лето било проследено со многу обичаи и верувања, кои врз магиски принцип треба да обезбедат здравје, среќа и богата година.

Во Волино на Летник се изведуваат голем број обичаи ,од кои некои се подзаборавени , некои се уште присутни .

Меѓу позначајните обичаи поврзани со овој ден е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец околу вратот или на рацете или нозете. Најчесто ги носат само децата, но во некои краишта ги носеле сите членови од семејството како магиска заштита од разни несреќи.

Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле со игла некому на појасот,  на други на ногата или околу раката. Притоа се велело: „Гад в гора (името) в поле.“ Со тоа змиите, смоковите и другите гадови се праќале во гората подалеку од луѓето

Мартинките ги носеле се додека виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: „На ти ластојце мартинка, да ми дајш кошула“. И верувале дека навистина ќе добијат кошула.

Интересен обичај што се изведува на овој ден е носењето трески ( тревчиња) во куќата и ставањето во огнот ,односно носењето на „пилина“ . Рано утрото на овој ден сите домашни излегувале во дворот ,се миеле надвор и се враќале со „пилина“ односно со тревчиња и  ги ставале во огнот за, како што тој се силел, да се силеле и пилињата, да се ваделе сите јајца под квачката. Затоа се вика:„Пулу, пулу, пулу.“ Потоа , се седнува и се јаде варена пченка ,која се подготвува на овој ден , за да се најадат пилињата и квачката .Исто така , секој што тој ден ќе влезел во куќата бил должен да набере и да донесе тревчиња  и веднаш по влегувањето да ги стави во огнот за да се зафаќале пилиња. Инаку не бил приман во куќата. Затоа ,на овој ден се внимава ако се посетува туѓа куќа задолжително да се однесат „пилина“.

Со Летник е поврзано и верувањето за разбивањето на луѓето од страна на птиците. На Летник , но и потоа во текот на пролетта луѓето се плашеле да не ги разбие пупунец. Разбивање го викале ако го слушнат гладни (на гладно срце) пеењето (пупањето) на ова птица. Тогаш верувале дека ќе се разболат или ќе ги следат други несреќи во текот на годината. Затоа на овој ден и подоцна веднаш по станувањето од постела каснувале барем еден залак леб. Но,  кога ќе ја чуеле птицата верувале дека тие ја разбиле и потоа не се чувале. Исто така, се плашеле и од кукајцата. „И кукајца да те разбијат не е арно – ја ќе умрит некој, ја на зијан је”.

Постои верување дека она што ќе ти се случи на Летник тоа ќе те прати цело лето ,односно ќе ти се случува “са лето” . Затоа , се внимавало на Летник да ти се случуваат само убави нешта . Така , се што се зело на заем се враќало на Летник зашто се верувало дека ако останел долг на овој ден ќе се должело цела година, потоа мажите излегувале порано да видат некој силен маж за да бидат здрави преку годината.На Летник не се дава никому ништо на заем, а и не се бара .

 Стара традиција е на Летник да се лаже ( а не на први април).Секој настојува на Летник да излаже некого. Ако успееш да го излажеш се вели : “ Са лето да се мамиш “.Затоа, се внимава на Летник да не те излажат ( измамат).

Поврзани написи

Коментарите се затворени.