Македонско вино

February 10, 2014
Македонско вино

Кога се работи за историјата на виното неизбежно мора да се спомене и Македонија. Македонија има винска историја која датира уште од античките времиња. Виното на овие простори било меѓу омилените пијалоци на античките кралеви Филип Втори и неговиот син Александар Велики. Во историјата има пишани факти кои ги опишуваат овие кралеви како големи уживатели на виното. Понатаму низ историјата Македонскиот вински регион е еден од најважните за Римска Империја, во која што и те како виното е ценет пијалок.  Со доаѓањето на христијанството на овие простори  и со симболичното претставување на виното како “крвта Божја”  виното станува можеби најпознатиот пијалок во тоа време. Од  тогаш па до сега во Македонија виното е еден од најпроизведуваните пијалоци, а во поново винопроизводството доживува вистинска преродба.

Македонскиот вински регион има мошне поволни услови за одгледување на грозје за производство  на вино, земено в предвид дека на овие простори имаат влијание континенталната и медитеранската клима.

Во Македонија денес винопроизводителите ги црпат своите ресурси грозје од преку 20 000 хектари лозови насади. Најпознатите сорти на грозје кои се произведуваат само  во Македонија се: Вранец и Смедеревка. Од интернационалните сорти најпопуларни се: Кабернет Совињон, Пинот Ноар и Мерлот од црвените и Ризлинг, Совињон Бланк и Шардоне од белите.

Од домашните сорти на вино кои се карактеристични за нашиот вински регион се: Прокупец, Станушина и Жилавка. Истотака се одгледуваат и интернационалните сорти: Ркацители, Греначе Бланк, Мускат Отонел, Кадарка и Семилион.

Винариите во Република Македонија кои се бават со производство на флаширано вино во последната децинија го зголемија својот број. Имено, во Македонија денеска имаме повеќе од 80 регистрирани винарии. Овие винарии со своите производи, со нескриено задоволство може да речеме дека се носат рамо до рамо со многу познати светски винарии. Во винаропроизводителството во Македонија во последните неколку години се вложува многу. Речиси сите винарии во Македонија инвестираат во подобрување на квалитетот на нивното вино. Вложувањето во  маркетиншките кампањи како и настани, кои од година во година се се попосетени, од страна на винариите успеваат да го прикажат и доближат квалитетното вино, што можат да го понудат, што поблиску до уживателите на добро вино, како во Македонија така и во странство. Како земја која долго време низ историјата произведувала квалитетно вино, Македонија моментално може да се гордее со секаде ценетиот производ – квалитетното македонско вино.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.