Мила ми е Партијата, ама помило ми е Селото

October 26, 2016
Мила ми е Партијата, ама помило ми е Селото

Подолго време размислував дали јавно да ги споделам овие мои размислувања. За да не бидам погрешно сфатен. За да не рече некој, ете како претседател на општинска организација  на политичка партија терам некаква политичка кампања. Сепак , како човек “без влакно на јазикот” едноставно неможев тоа што го мислам да не го кажам јавно. Заш инаку ќе си пукнев. Сум се родил галамџија,  што би рекле, гласно да размислувам и таков ќе си останам.

Просто ми е неверојатно колку денес нашиов народ е замолчан. Додуша, го замолчувале него низ вековите разно разни освојувачи и владатели, ама одвреме навреме се појавувал по некој кој галамел. Ама тоа биле некои други, што би рекле неслободни и недемократски времиња. Меѓутоа, загрижувачки е  што и  денес, во време на своја, слободна и барем според Уставот демократска држава народот пак си молчи. Дали е тоа поради тоа што со години некој му наметнувал ропски,  поданички менталитет, изразен преку народните  “молчењето е злато” или “наведната глава сабја не сечит”  или “молчи заш и ѕидовите имет уши “ или “врти си го газот од кај шо дуват ветрот” или поради генот наш македонски кој “кубурот го чува за зло време “ незнам, ама за мене тоа е неприфатливо. Сега,  дали јас сум поинаку воспитан, дали и јас сум една од ретките будали кои лајат и тогаш кога имале шанса да си остварат некои бенефиции, ама одлучиле да бидат гласни, незнам, ама знам дека народната велит  “на детето ако не плачит мајка му  цицка не му дават.”

Така е и со моите соселани, волинци, кои последниве години толку се замолчиле, што чиниш заспале во длабок сон, ко заспаната убавица, која чекала  да дојде принцот на бел коњ за да ја разбуди. Кој принц го чекаме ние, незнам, ама еве  ќе набројам повеќе  примери на неприфатливо молчење.

Еве на пример, дојдоа и спротивно на проектот копаа за канализацијата за Мешеишта по заштитниот насип на каналот на Сатеска, а ние си молчевме. Си заминаа, патот по каналот не го санираа, патот за Мешеишта исто така, а ние пак си молчиме. Три и пол  години не најдоа време да ги сменат двете светилки во центарот на Волино, ние си молчиме. Каналите за наводнување не ги исчистија, а сметки ни пратија, ние си молчиме. Со денови ѓубрето не го подигаа, а ние молчиме и сметките си ги плаќаме. Едно време на Фудбалскиот клуб парите што го следуваат не му ги даваа, а ние пак си молчевме. Локалните патишта со капини се обраснаа, ние упорно молчиме. Цените на земјоделските производи ничкум отидоа, откуп нема, ама ние си молчиме. Многу проекти ни ветуваа, а речиси ништо не изградија, ние молчиме. Кога ќе дојдат партиските емисари , особено пред избори, ги слушаме нивните бајки и си молчиме. И за волја на вистината си гласаме, во мнозинство за досегашната власт.

И локално и централно.

Ко село без кучиња се напрајвме . Како да нема кој да лавне. Во интерес на Партијата молчи за ова, во интерес на Партијата молчи за она, во интерес на Партијата не кажувај ништо, во интерес на Партијата не се буни за ништо . Ќути, оти нема привилегии !

Кој интерес  е поважен, партискиот или селскиот !?

Или ко ќе размислам малку подобро, незнам дали се молчи  и во интерес на Партијата или некои поединци, кои се повикани најмногу да реагираат си молчат за своите лични интереси !? Си молчат, како што убаво велит нашиов народ “ко п…. под кошула “!

Секоја чест на ретките исклучоци. Има поединци кои се бунат, ама за жал нивниот “лаеж” се губи според онаа народната “кучињата си лајат, а караванот си врви” или пак “лајат”, ама на погрешно место и по погрешни луѓе.

Молчењето не е злато. Напротив, молчењето е злото. Се молчи само кога нема што да се каже, зашто пред фактите и Боговите молчат.

Да молчиш денес,  кога Волино е фрлено на маргините од општественото битисување е грев и злосторство и кон сегашните и кон  идните генерации.

Парафразирајќи ја познатата мисла на Аристотел,  кој кога не се согласувал со својот учител Платон велел: “ Amicus Plato, sed magis amica veritas “  или: мил ми е Платон, но  помила ми е вистината“,  би рекол :

 Мила ми е Партијата,  ама помило ми е Селото.

Па, затоа не молчи, делувај !

Зоран Ногачески

/ Изнесениот став во оваа колумна е личен став на авторот /

Поврзани написи