Мојот став: Која е вистината за изградбата на монтажното училиште во Волино?

March 22, 2013
Мојот став: Која е вистината за изградбата на монтажното училиште во Волино?

Причината за овој текст е тоа што во програмата на еден од кандидатите  за градоначалник на општината Дебарца, забележав ветување дека ако победи на изборите во Волино  ќе  изгради монтажно училиште. Исто така, кај некои мои сограѓани поради неинформираност или под влијание на предизборната кампања е присутно уверувањето дека училиштето требало да го изгради општината, но таа еве до денес не го изградила истото.  Со цел да се разјасни што е вистина еве ги фактите :

Општина Дебарца во Програмата за основно образование за 2011 година предвиде реконструкција на зградата на старото училиште, а за кое Месната заедница село Волино имаше подготвено техничка документација/основен проект. Владата на РМ не го прифати предлогот за реконструкција на старото училиште, туку предвиде изградба на ново типско монтажно училиште, во рамките на проектот за изградба на 21 монтажно училиште во Република Македонија. Овој проект го најави лично тогашниот министер за образование и наука, Г-динот Никола Тодоров, на прес конференцијата на ден  13.03. 2011 година, за која можете да прочитате на линкот.

На ден 15.03.2011 склучен е договор за регулирање на меѓусебните односи при изградбата на монтажното училиште, а кој е потпишан од министерот за образование и наука, Никола Тодоров и градоначалникот на општина Дебарца, Љупчо Којчиноски. Целиот текст на договорот, во скенирана форма Ви е даден подолу под текстов.

Согласно членот 5 од договорот Министерството за образование и наука покрај другото наведено во овој член од договорот е должно да обезбеди финансиски средства за изградба на типското монтажно училиште во сите наведени фази. Согласно членот  6 од договорот  Општината Дебарца  покрај другото наведено во овој член од договорот е должна  да изгради фундамент за поставување на монтажното училиште согласно основниот проект и партерно да ја уреди околината на објектот.

Согласно член 2 од договорот договорен рок за целосно завршување на градбата е 31.08.2011 годинa.

Општината ги исполни своите обврски согласно договорот, а министерството за образование до денес не го има тоа сторено.

Изградено монтажно училиште

Изградено монтажно училиште

Монтажно училиште во изградба

Монтажно училиште во изградба

Рака на срце деновиве има неформални најави од Министерството дека за брзо, веднаш по локалните избори училиштето ќе биде изградено. Искрено  се надеваме дека овојпат не се работи за најава дадена во функција на предизборна кампања. Всушност и целта на ова мое писание е да се анимираат надлежните и конечно да се заврши и овој проект. За добробит на нашите деца и на сите нас.

Зоран Ногачески

 

 

Поврзани написи