Мојот став: Никогаш не вели никогаш

April 20, 2013
Мојот став: Никогаш не вели никогаш

По завршувањето на локалните избори,  се разбира откако ќе помине еуфоријата кај  “победниците”  имав намера да го споделам моето размислување за изборите и за животот по тоа,  но во меѓувреме Ангел Секулоски го објави својот став под наслов  “Коцката е фрлена” , на кој со свои коментари се јави едно момче , мој соселанец, за кој мора да признам ако не беа изборите не ќе знаев дека сеуште е тука, се си мислев дека заминал некаде. Па, едноставно го немаше в село и човек се ќе си помисли. Е, тоа момче, ниту прозван, ниту повикан на неколку места во коментарите ме споменува мене. Затоа, овој текст е своевидна реакција на неговите коментари. Колку да се запамети кој што рекол во даден момент, а животот ќе покаже кој бил во право.

Нашиот народ убаво рекол не се чешај таму каде што не те јаде. Па, оттаму не ми се сосема јасни причините зошто си зел право во своите коментари да дели дисквалификации за мене, односно да се чеша кај што не го јајт, но, тоа сепак е негово право.

Иронично вели дека сум ја напуштил ДПМНЕ ( намерно го изоставам предзнакот ВМРО, бидејќи според мене ВМРО е историја, ВМРО е духот на Македонецот, ВМРО е секој Македонец и ВМРО му припаѓа на секој Македонец подеднакво и никој, ама баш никој, па ниту партија која моментално е на власт неможе и нема право да ги злоупотребува овие четири свети букви ) и сум преминал на другата страна за лични интереси и затоа сум, нели предавник. Како прво да разјаснам,  во ДПМНЕ бев од нејзиното основање во 1990 година се до 2009 година, иако и денес ја чувам членската книшка, потпишана од првиот Генерален секретар на партијата, Борис Змејковски. Сум бил и обичен член, но и Претседател на Комитет на изборна единица 51 и член на највисокиот орган на партијата, Централниот комитет. Официјално никогаш не сум ја напуштил Партијата, но од 2009 година воопшто не сакам да се идентификувам со таа Партија, бидејќи таа Партија не е онаа во која во 1990 година влегов со мојот младешки занес, како партија која го уриваше комунистичкиот систем и се залагаше за самостојна македонска држава. Зошто е тоа така, во друга прилика.  На друга, се разбира партиска  страна до овој момент не сум преминал, но на локалните избори 2009 година и 2013 година поддржував личност, повторувам личност, од опонентската политичка партија . Оттука, ако ме сметате за предавник затоа што сум ја напуштил ДПМНЕ, Ви благодарам, јас сум горд на тој епитет. Меѓутоа, Вие предавството на ДПМНЕ го сметате за предавство на Македонија. Е, тоа не може така. Јас не сум и никогаш нема да бидам предавник на Македонија и колку да се трудите тоа да ми го инпутирате. И самите велите Македонија се сака со дела. А зад мене има многу дела, дела првенствено за Волино, а со тоа и за Македонија. Од 1990 година до денес, во секој реализиран проект во Волино , ако ништо друго има по едно мое камче. И колку да се трудите тоа да го избришете и ретуширате во Вашите умови нема да Ви успее. Тоа е меморирано во колективната меморија на Волинци.  Сум се сменил за лични интереси.  Кои лични интереси? Што јас добив? И оваа теза не Ви држи место. Јас го напуштив ДПМНЕ, во 2009 година, во време кога Партијата е на власт, каде и денес е. Па, кој будала би напуштил партија на власт и би отишол во опозиција ако се работи за личен интерес. Па, нели во власта е моќта, парите, остварувањето на личните интереси, а не во опозицијата. Ако не е така тогаш партиите нема да се борат за власт, туку ќе се борат за опозиција. Ако се борев за личен интерес ќе си останев во партијата на власт, ќе си молчев и ќе си профитирав. И, од каде пак тоа дека ако еднаш си гласал за една партија , цел живот треба да гласаш за таа партија, во спротивно си предавник. Ако размислуваш со своја глава тогаш зошто и да не еволуираш во своите сфаќања. Само вол не се менува, вели нашиот народ. Битно е да размислуваш со своја глава, па и кога грешиш. Повторувам и завршувам, ДПМНЕ го напуштив бидејќи моите сфаќања на животот се сосема поинакви од политиките што ги практицира таа партија.

Понатаму, тоа момче замислете си зема слобода и дрскост и му се заканува на Ангел и лично му гарантира дека додека ДПМНЕ е на власт за него ќе биле затворени сите врати!!! Кои врати? Па, Ангел е толку интелегентно  и способно момче, што секогаш и секаде може сам, повторувам сам, да отвори секоја врата. А, да, се согласувам, неможе да отвори само една врата, Вашата, партиската. Таа е навистина закатанчена  со рѓосани катинари и зад неа сте сите Вие, партиските послушници и безрбетници. За наша среќа, ние сме надвор, нашиот ум е ослободен од било какво партиско менгеме и сакаме да изградиме општество на слободни луѓе, како што милуваше да рече бардот на македонското слободоумно новинарство, трагично загинатиот Никола Младенов.

На крај вели,  ДПМНЕ ќе владее уште 100 години!!! И никогаш нема да имате  градоначалник во општина Дебарца.  Нашиот народ е многу мудар и рекол-никогаш не вели никогаш. Не знаеш што носи ноќта, а не пак деновите и годините. И комунистите своевремено пееа-Америка и Енглеска биче земја пролетерска, но ниту Америка и Енглеска станаа земји пролетерски, ниту комунизмот преживеа. Си заврши таму каде што му е местото, на буништето на историјата.

Крајно, Алберт Ајнштајн рекол : “На овој свет само вселената и човечката глупост се бесконечни, иако за вселената не сум баш најсигурен”.

 Според мене, на овој свет се си има свој почеток и свој крај.  Бесконечноста е на другиот свет. Затоа, биди паметен и никогаш не вели никогаш.

П.С. Можете да коментирате на мојот  став колку Ви душа сака. Немам намера повеќе да полемизирам на оваа тема за моето предавство. Се што имав кажав. Ако нешто Ви значи, да, предавник сум, предавник сум бидејќи не сакам да бидам роб на било која партиска политика и партиска догма, но затоа сум слободен и можам да мислам со сопствена глава. За разлика од Вас. А Македонија,  ја сакам  и ќе си ја сакам на мој начин, ама не ваква Македонија, во која власта го контролира народот, туку  Македонија во која народот  ќе ја контролира власта. Која и да е !

Зоран Ногачески

( Изнесениот став во оваа колумна е личен став на авторот )

Поврзани написи