Мојот став: Оваа генерација на ФК Сатеска заслужува поддршка

May 28, 2016
Мојот став: Оваа генерација на ФК Сатеска заслужува поддршка

Овие денови во нашето Волино актуелно е прашањето дали да се поддржи ФК Сатеска во напорите и желбите од следната сезона да игра во повисок ранг, во регионалната Трета лига-Југозапад. Целта е достижна, но дали селото и клубот имаат капацитет, организационен и пред се материјално-финансиски да одговорат на предизвикот ?

Пред да го изнесам мојот став, сакам да направам само една мала дигресија и да потсетам за значењето на ФК Сатеска за Волино и волинци.

Фудбалскиот клуб е заштитниот знак на Волино, брендот на Волино. Волино и ФК Сатеска се нераскинливо поврзани. Формиран во далечната 1949 година, клуб кој од 1976 година без прекин се натпреварува во организираните системи на натпреварување на македонскиот фудбал, во Општинската фудбалска лига Охрид и пет сезони ( 2000-2005 ) во Третата лига-Запад. Клуб кој на трипати го освојувал фудбалскиот куп за подрачјето на Охрид и играл во завршните натпревари на фудбалскиот куп на Македонија. Клуб кој во својата историја имал и успеси и падови. Клуб кој 40 години со ред опстојува на фудбалската карта на Македонија, во време кога од неа ги снема многу градски и селски фудбалски екипи, кои значеа нешто во македонскиот фудбал.

 А, нашата Сатеска опстојува. Како реката, чие име со гордост го носи.

Волинци отсекогаш живееле за својот Клуб, се радувале на неговите успеси, тагувале на поразите. Во минатото, со нетрпение се чекал денот недела за да се гледа и бодри екипата. По натпреварите, во селските продавници се испивале десетици гајби пиво, од радост или тага. Волинци во дијаспората преку телефонска врска,  во живо следеле пренос од натпреварите на својот клуб и несебично материјално го помогале.

Во ФК Сатеска играле генерации и генерации, волинци, но и играчи од други места. Во Клубот се вложиле генерации и генерации фудбалски ентузијасти. Сите тие вложиле сопствен дел во историјата на Клубот.

И денес, кога Волино демографски се намалува, кога полека станавме заробеници на современото време, кога се оттуѓивме човек од човека, кога партиски се поделивме и за жал раскаравме, ФК Сатеска е она единствено што не поврзува и обединува. Клубот е нашиот заеднички именител и алката обединител.

И токму затоа, од сите погоре наведени причини, велам, ДА !

 ФК Сатеска треба да се поддржи.

ФК Сатеска заслужува  и треба да игра во повисок ранг и да испише нова страница во својата историја.

Заслужува, пред се затоа што и денес има одлична фудбалска генерација, наследник на претходните. Сите гордо знаеме да се пофалиме дека речиси сите играчи се од Волино. И не само тоа. И во следната, младинската генерација гледам фудбалски таленти, чие време забрзано доаѓа. Со сигурност можам да кажам дека најмалку за наредните 10 години иднината на Клубот од аспектот на играчкиот кадар е обезбедена. Од сопствени ресурси.

Е, сега доаѓаме до главното прашање. Имаме ли потенцијал, имаме ли средства тоа да го издржиме ?

Знам, некои ќе речат треба многу пари и дека во денешните ( не ) прилики во македонскиот фудбал, кога истиот е паднат на најниските гранки не вреди да се вложува во фудбалот. Некои ќе речат наместо во фудбалот, во услови кога ни замира животот во селото, дајте тие пари да ги вложиме во некои други проекти.

Дека треба пари и тоа многу пари, точно е. Тоа добро го знам од искуство, водејќи го Клубот многу години, особено петте сезони во Третата лига. Но, ако се има волја за се има решение. Парите секогаш биле проблем за Клубот, ама сепак се опстанало. Четириесет години, по ред.

За фудбалот, за спортот мора да се најдат средства.

И немојте да мислите дека ако не се издвојат средства за фудбалот, тие пари ќе останат за друго. Тоа го велев и пред десет години, кога некои критикуваа дека многу средства оделе за Клубот, тоа го велам и денес. Еве десет години Клубот не игра во повисок ранг и што посебно е направено во Волино. Во последниве пет години речиси и ништо не е изградено.

Тоа што животот во Волино ни замира, тоа е друго прашање, кое бара одговор и противактивност. Всушност и проектот  “ФК Сатеска во регионална лига “  е проект против замирањето на животот во селото. За враќање на селото на фудбалската карта, за враќање на животот, за Волино фудбалски епицентар на општината и поблискиот регион.

Да поентирам, пари ќе се најдат. Тука е општината / во актуелниот совет на општина Дебрца тројца советници се од Волино /, месната заедница, приватниот бизнис, граѓаните на Волино, и се разбира волинските иселеници. Сите тие, можат, а некои и мораат да помогнат. И ќе помогнат.

Јака страна е што Клубот располага со солидна фудбалска инфраструктура, фудбалско игралиште со соблекувална. Потребно е да се изврши нивна мала реконструкција и доопремување, а за што и не требаат  значителни средства.

Крајно, за се и пред се треба да се исполни само еден услов. Добра организација. Добро структуриран и организиран Управен одбор. Ова не значи дека тие што изминативе години го воделе Клубот биле слаби или слично, туку дека натпреварувањето во регионалната лига бара и организација на повисок степен.

Управниот одбор треба да се засили и да се повикаат да се вклучат сите кои на било кој начин можат да помогнат. Управниот одбор да се грижи за сите организациони, технички и финансиски прашања, стручниот штаб да се грижи за играчкиот кадар, а играчите да се остават да играат фудбал.

Не помалку важно е правниот статус на Клубот да се усогласи со Законот за здруженија и фондации, а целокупното финансиско работење да биде во согласност со законските прописи. За да утре некој не се соочи со правна одговорност.

И не заборавете. Ниту еден денар вложен во младите и спортот не е попусто вложен денар. Тоа е пред се денар вложен во здрави и духовно исполнети млади луѓе. Тоа е денар вложен во нашата иднина.

А иднина, верувајте имаме.

Се додека тече вода низ коритото на Сатеска ќе се тркала и фудбалската топка на нашиот  “Ѓоргов мост “.

Зоран Ногачески

/ Изнесениот став во оваа колумна е личен став на авторот /

Поврзани написи