МОЈОТ СТАВ: ВЛАДИКАТА ПЕТАР ИСАФ СИ НЕМА

May 12, 2013
МОЈОТ СТАВ: ВЛАДИКАТА ПЕТАР ИСАФ СИ НЕМА

Изминатава недела хит по интернетов е Владиката Петар. Најнапред се прослави со неговата изјава дека за разводите во Македонија криви биле жените, премногу расипнички трошеле, а вчера гледам уште една негова “забегана”  изјава дека селските цркви ги криеле и не им ги давале  парите. За првата изјава овојпат  нема да коментирам. Предност им давам на припадничките на понежниот пол , тие да го “расчеречат”.  А  за другава изјава,  човеков очигледно забегал. Па, кои пари ги бара Владиката!?  Парите на верниците. Сите цркви ги изградија верниците, а не владиците. И сега требало и парите да им се даваат од селските цркви. Кобајаги селските цркви вртат милионски суми. Па  тие едвај преживуваат. Нека одговорат црковните великодостојници на МПЦ како живеат тие, а како обичните верници. Имаат ергели од  супер луксузни и скапи возила, луксузно наместени резиденции и кабинети, неограничени примања за кои не плаќаат даноци,  го крчмат црковниот имот и склучуваат штетни за црквата договори, а за развратниот живот / блуд, педофилија и др. ) и да не споменувам.  Знам, за возилата  велат им биле донација. И да се донации,  тие нека ги подарат на други на кои им се попотребни за општокорисни потреби  . Сведоци сме сум дека за големите празници во еден манастир  како пример  “Си Свети”, во Лешани, “ Св.Наум Охридски”, “Св.Еразмо Охридски”, во Охрид , “ Рождество на Пресвета Богородица”, во Калишта и бројни други  низ државава наша како се собираат пари со вреќи ( буквално со вреќи, бидејќи во вреќи ги собираат ). Никој не знае каде одат тие пари.  Впрочем се знае каде.  Не случајно народот рекол дека свештениците сите пари собрани во верските храмови ги фрлале нагоре и велеле –“Дедо Боже земи што е за тебе, а другите за мене”.  И по законите на физиката за гравитација се знае каде ќе завршат тие пари и затоа не чудете се кога на свештеникот ќе му кажете  “дај попе рака”  нема да ви ја пушти, па дури и ако се дави, а ајде пробајте и речете  “на попе рака”  ќе видите што ќе се случи. Светото писмо-Библијата го упатува верникот на скромен живот, но тоа не важи за свештениците, кои нели ни велат  “правете како што ние ви велиме, а не како што ние правиме”.

Исто така, ај нека кажат од МПЦ за изградбата на која црква издвоиле пари од нивната каса. Еве, за новоизградените цркви во нашето Волино  не дале ниту денар. Дури и при една посета на Дебарско-Кичевската епархија, во Охрид, од страна на секретарот ни беше забележано зошто донациите од наши верници во Австралија за изградба на црквата доаѓале на сметка на член од Иницијативниот одбор. Требало на сметката на Епархијата.  Види мајката !  Во Македонија години наназад се организираат бројни хуманитарни акции, за различни нешта. Ниту еднаш не сум прочитал дека МПЦ учествувала во некоја од нив. Дури и кога изгоре манастирот  “Св.Јован Бигорски “ верниците  и бројни други здруженија и институции први се вклучија во хуманитарните акции и донираа средства, а Синодот на МПЦ под притисок на јавноста меѓу последните издвои незначителна помош.

Ако во комунизмот црквата беше екскомуницирана од јавниот живот и под пресија на комунистичката власт,  денес  забегавме во сосема  друга крајност, црквата и свештениците ги има насекаде, па дури и таму каде што не им е местото. Не се знае кој е премиер, а кој верски поглавар. Еден ден ќе го видите премиерот  кој со цел политички да поентира како ни држи верски говори и фрла лопати за изградба на цркви, а другиот ден ете ви го дедо Стефан како во своите празнични посланија Ви  испраќа политички пораки. А, нели според уставот сме секуларна држава и црквата треба да е одвоена од државата. А, кај нас во последно време не се знае до каде е Господовото, а до каде царевото, што би рекол народот.

Крајно, ова писание  како реакција на една недоквакана изјава на еден црковен великодостојник нема намера да ја девалвира улогата на црквата како столб на опстанокот на еден народ. Нејзината улога со своите постапки  ја девалвираат токму нејзините претставници. Целта ми беше на сите тие треба да им се плесне в лице да не забегуваат и да не ги третираат граѓаните, односно верниците како овчички за молзење и стрижење.

Зоран Ногачески

/ Изнесениот став во оваа колумна е личен став на авторот /

Поврзани написи