Најавени обилни врнежи од дожд

January 29, 2015
Најавени обилни врнежи од дожд

Прогнозите на синоптичарите се дека западниот дел од државава претстојниот викенд ќе го зафатат обилни врнежи од дожд. Во охридско-струшкиот регион не се очекуваат поплави од големи размери, смируваат познавачите на приликите.

Во западниот и југозападниот дел, со најавениот бран се очекува поголемо количество вода во реките Црн Дрим и Радика.

– Пообилни врнежи од дожд се очекуваат во петок навечер кон сабота и во сабота навечер кон недела. Во западниот регион очекуваме пораст на водостоите на реките Радика и Црн Дрим. Не се очекува излевање на Радика, а Црн Дрим, како што е познато, може да се регулира, вели Рада Бојковска, раководител на хидролошкото одделение во Управата за хидрометеоролошки работи во Скопје.

Во охридско-струшкиот регион, доколку има поројни дождови може да има поголемо количество вода во горниот тек на реката Сатеска.

– Доколку се остварат прогнозите, очекуваме пораст и на реката Сатеска. Со неа е повеќе поврзано Струшкото Поле. И статистиките на хидролозите во текот на изминатите години покажуваат дека при зголемен водостој на Сатеска се поплавува Струшкото Поле кое е интегрирано со Сатеска, додава Бојковска.

Инаку водата во Охридското Езеро според последните мерења се искачи на 693,24 метри, што претставува зголемување за седум сантиметри во однос на минималната кота од 693,17 метри. Од хидролошкото одделение на УХМР велат дека просечниот водостој на езерото во јануари е 693,39 метри.

извор: ОхридПрес фото: Волино.мк

Поврзани написи

Коментарите се затворени.