Носија

Народната носија во Волино е како во соседните села Требеништа, Горенци, Оровник, Мислешево, Моришта и Дрслајца, со таа разлика што клашеникот од женската носија е малку покус.

Машката носија се состои од: џамадан (со ракави и без ракави, т.е шут џамадан) во природни бои, со тоа што црвената за постарите, а белата за помладите и децата. Нив ги шиеја терзии од други места. Рабовите од облеката и другите често употребливи делови (џебови, увциќа, корилот у сл.) се украсуваат со гајтани или со оптока од волна бојадисана црно. Машката кошула ( отворена во  градите, без јака, а со корил) на корилот, на градите и на ракавите е извезана со народен вез или ( за секојдневното носење и за постарите) со извиткан вез од конец. Зиме се употребува гунче, а за сточарите гуна. Обушјето: опинци од природна кожа или гумени, чораби ишарани со разни орнаменти, доминирајќи геометриските фигури во црвено-бела или (поретко) црвено – црна боја. За зимно време се користеле објалата. Преку половината мажот носи шарен и долг појас ( црвено – бел со фолклорни елементи), чии крај завршува со реси, а преку него има ( а не мора) ремен. Капата порано била тркалезна, а подоцна каскет.

Женската народна носија се состои од: здолница, кошула, елек, ракави, клашеник, појас, поманики, скутина, туљбен, марама, шамија, сокајче, чораби и опинци.

17877_1213277057540_1397215446_30485138_4961587_n

Здолницата и кушулата се од домашно платно. Кошулата долу е украсена со сикмиња и со бобајче. Ракавите се црнки и со корки од посебен вез. Предницата е везана. Напред на градите има грилинка везана или од басма. Елекот е од обично платно, но на пазувите везан и украсен со украсни петлици. Ракавите од кошулата се шитоки, па до лактите под кошулата има поманки и обично платно на крајот везани и се заплетуваат, а може да бидат и од басма. Скутината е ткаена, главно, од врцено – бела боја, чии рабови ( освен горниот ) се правени, односно украсени со бадем. Буфка и сл. Околу половината долг и тесен ( како плетено јаже) плетен црн појас. Чорабите се плетени, по боја алени и украсени со шари.

На главата младите носат туљбен од ситено бело платно, чии рабови се украсени со извиткан вез и муниста. Невестите носат марама, која одназад е везана. Повозрасните жени носат шамија. Под туљбенот, марамата и шамијата се носи сокајче, кое е малку везано надолу. Долгата коса женскиот пол ја врзува/ плете во една плетенка, врзувајќи ја со шарена врвка. На долниот дел од плетенката се става панѕур ( компонирани неколку сребрени монети според големината и на различна височина ), кој при одењето дава пријатен звук.

19142_1327348138654_1079432959_30976469_5157766_n

Во случај на жалост жените носат џубе. За млад и близок џубето до шест недели се носи наопаку.

Народната носија е извонредно убава, но доста скапа. За нејзиното исработување е потребно доста време. Сега народната носија веќе е реткост. Таа се носи, главно, на сведени, и тоа единствено женскиот пол.

62045_1463709636281_1339692017_31175954_5912548_n