Новото првенство во Третата МФЛ Југозапад почнува на крајот на Август, учеството на ФК Сатеска неизвесно !?

July 13, 2017
Новото првенство во Третата МФЛ Југозапад почнува на крајот на Август, учеството на ФК Сатеска неизвесно !?

Од Третата МФЛ  Југозапад соопштуваат дека новата сезона 2017/2018 ќе започне на 27 Август, а извлекувањето на ждрепката ќе биде на 27 Јули, во седиштето на Лигата, Битола.

Во барабанот за новото првенство треба да се најдат 14 екипи, меѓу кои и екипата на ФК Сатеска, која минатата сезона по катастрофалната есен, кога беа освоени само 9 бода, во пролетниот дел освои 22 бода и со вкупно 31 бод не само што обезбеди опстанок, туку се искачи на осмото место на табелата.

Меѓутоа, информациите кои доаѓаат од ФК Сатеска се песимистички, во врска со натпреварувањето во новата сезона. Проблем се финансиите.

“Извлекувањето за новата сезона е закажано за 27 Јули и доколку сакаме да учествуваме до тој рок треба да се уплатат 125.000 денари, од кои 25.000 се долг од минатата сезона и 100.000 котизација за новата сезона. Во овој момент средства немаме и учеството во Лигата е неизвесно. Апелираме до сите, поединци, бизнисмени, фирми, волинци во дијаспората, на кои Сатеска и Волино им се при срцето  да помогнат Сатеска да опстои.  Сатеска е брендот на Волино, Клуб кој од далечната 1976 година без прекин се натпреварува во организираниот систем на натпреварување и опстојува на фудбалската карта на Македонија, во време кога од неа ги снема многу градски и селски екипи .

Притоа, многу душегрижници ќе речат дека тоа се попусто потрошени пари, а ние сметаме дека ниту еден денар вложен во младите и спортот не е попусто вложен денар. Тоа е пред се денар вложен во здрави и духовно исполнети млади луѓе. Тоа е денар вложен во нашата иднина. Времето е кратко, но сепак се надеваме на помошта на сите добронамерници и дека фудбалската топка и наесен ќе се тркала по Ѓоргов Мост “ – велат од ФК Сатеска.

Поврзани написи