Песни

Волинци се горди  што нивното Волино е опеано и во песни, кои се обнародени, односно за кои е направен мелодиски запис и се  ставени на носачи на звук.

Тоа се :  Песната за Волино и Волино во срцето .

Автор на Песната за Волино е Волинскиот поет Иван Трпоски. Во творештвото на Иван Трпоски, кој повеќе децении живее и твори во Австралија доминира патриотскиот мотив , печалбарството , растргнатоста на Македонецот меѓу татковината и туѓата земја во која се нашол , пејсажот на родниот крај, студенилото во душата во топлата и богата туѓа земја. Најдобро за тоа се зборува во Песната за Волино.

Песната за Волино е настаната во 1991 година. Нејзиното мелографирање го извршил Борис Ќандовски врз основа на повикот од авторот Иван Трпоски преку весникот Македонија што излегува во Мелбурн, објавувајќи го и текстот.

Подоцна, откако песната  беше прифатена како од Волинци во туѓината, така и од Волинци во татковината, по иницијатива на Цветко Тупанчески, се ангажира естрадниот уметник Орце Стевковски, кој песната ја преработи и стави на свое   музичко ЦД, односно на неговиот Албум              “ Од каде дојдовте, да не дојдевте “ , во издание на издавачката куќа  “ Сенатор “ Битола. Песната е  снимена во Студио “Виола Ѕ.М.”, a  аранжманот е на Сашо Митковски.

Песна за Волино

Таму кај што детство  мина

разделба срца скина-

таму  стреа куќна стара

наши сенки  бара.

Таму кај што сонце гали

ветре ѕвезди пали-

таму ете, в таа сетка

мисла ни се плетка.

Таму кај што жита зреат

и усни врели  пеат-

таму, ете таа слика

Волино не вика.

Рефрен :

Волино, Волино

срцево наше гори

Покрај тие  ладни води

Волино Ти не роди

и на дланка топла, рајска

на земја македонска.

Песната Волино во срцето е настаната во 2010 година. По нарачка на Волинецот Илче Печоски кој живее во САД песната  целосно е обработена и испеана од вокалниот интерпретатор  Новица Василевски.

Волино во срцето

Секој човек светот што го шетал

Знае колку вреди коренот

Сите ние било кај  и да сме

Жалиме за наше Волино

Ајде луѓе една песна да запееме

И со солзи древен корен да залееме .

Нигде нема такво небо сино

Како небото над Волино

Еден ден јас дома ќе се вратам

Волино е рај на земјата

Ајде луѓе една песна да запееме

И со солзи древен корен да залееме .

Рефрен :

Овдека во срцево си го носам селото

Мое Волино

Овдека на душава една земја убава

Македонија.

Се надеваме дека уште многу песни ќе се испеат за Волино.

Дотогаш Ви предлагаме да уживате со досега испеаните песни …