По повод Божиќ-”Рожденство Христово”: Божиќно послание на поглавоарот на МПЦ Г.Г Стефан

January 6, 2011

Православните христијани во Македонија на 7 јануари ќе го прослават Божик, раѓањето на синот Божји – Исус Христос.

По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан заедно со Светиот архиерејски Синод на Македонската православна црква до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со радосниот и торжествен поздрав – Христос се роди!

Еве делови од Божиќното послание:

Возљубени празникољупци,

Денес го празнуваме најславното раѓање во историјата на човештвото, го прославуваме јавувањето на Бога во тело. Денес кај луѓето доаѓа долгоочекуваниот Спасител – Богомладенецот Христос. Он е Јагнето Божјо, Кој со Својата смрт ги зеде гревовите на светот; Он е Бог, Син на Отецот, „Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало.“

Возљубени во Господа,

Со Христовото раѓање ние го добиваме најголемиот дар од небото. И секој треба да Го прими тој дар со вера, со љубов и со благодарност. Зашто, Бог, откако Себеси се понизи, облекувајќи се во гниежливо човечко тело, постана како нас, за и ние да се обожиме, да се искачиме таму од каде што Он слезе. Тоа е Божјиот подарок што на Божик ни се дава на секого од нас. А ние, пак, во овие празнични денови да ги споделиме нашата љубов и дарежливост со сите, а посебно со сиромасите и со оние кои имаат потреба од нас. Тогаш ќе можеме да им речеме со ангелските зборови: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 10, 11).

Богољубиви чеда,

Така треба да го сфатиме значењето на празникот: за Божик, Бога да Го најдеме во своето срце. Само така ќе Го најдеме и во Витлеем, и во храмот Божји. И насекаде! Радоста од Христовото раѓање можат вистински да ја почувствуваат само оние коишто преку пост, покајание и исповед се подготвени да Го дочекаат и примат Небесниот Гостин.

Затоа, како христијани да не заборавиме дека нашето семејство треба да наликува на мала црква, дека бракот е света тајна и дека подвигот во животот е жртва која

исполнува со духовна радост. Грижата за младите генерации, како во семејството, така и во просветните институции, треба да биде постојана задача и обврска и на родителите и на сите учесници во воспитно-образовниот процес.

Возљубени чеда во Господа,

Ви ја упатуваме небесната, ангелска и вечна порака: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14). Господ Исус Христос дојде за мир и добра волја меѓу луѓето. Он Го измири човештвото со Бога и луѓето еден со друг.

Честит Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Нека е честито и од Бога благословено Новото лето Господово!, се наведува во Божиќното послание на архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан и членовите на Светиот архиерејски Синод на МПЦ .

Зоран Ногачески

Поврзани написи