Пред Божик зад Божик, каде и да си, дома да си!

January 6, 2017
Пред Божик зад Божик, каде и да си, дома да си!

Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.

На 7 јануари секое православно семејство во своите домови украсени со бадникови гранчиња симболично ја очекува веста за раѓањето на Исус Христос, а кога ќе дојде големиот празник Божик, ќе си честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди! „

На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв.

Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.

Оние што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.

Ова се денови кога секој треба да го заборави лошото и да ѝ даде можност на добрината да ги усреќи луѓето. Дури и најнесреќните и најбедните треба да се обидат да стават насмевка на своите лица. Барем за момент секој треба да научи да простува и да го отвори своето срце за другите.

Со Божик е поврзана и поговорката: “Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си”, што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.