Прости ми, простeно да ти е !

February 26, 2017
Прости ми, простeно да ти е !

Празникот Прочка или Велики Поклади, кај нас  познат како Проштени Поклади спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. На Проштени поклади  се изведуваат повеќе обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името) потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека други се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Неделата пред поклади мажените ќерки со зетовите одат на гости кај родителите. Затоа ова недела се вика Зето викање.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеват па тоа треба да го сторат и луѓето. Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи и тн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!”, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа”, или само: „Просто да ти е”. За секој член во семејството се вари по едно бело јајце. По едно варено јајце му се дава и на секој што ќе дојде на проштевање. Во  вечерните часови на овој ден во селото забележителна  е  раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за фурката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (фурката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго. Овој обред денес воопшто и да не е присутен , но Ве потсетуваме на истиот за да не се заборави .

Приквечерината на Проштени поклади се палат  обредни огнови, кои кај нас се познати како Лабрди. Лабрдата всушност е шошка ,на која на врвот и се врзува слама .Во сламата се става јаглен /жар/  и лабрдата се врти на десно , на лево се додека не се запали сламата и не изгасни. При вртењето на лабрдата се вика : болвите (боубите)  ,вошките Горна Маала/Долна Маала /Мешеишта ,се именуваат некои конкретни фамилии и лица. Децата ги прескокнуваат огновите ,со верување дека на тој начин ќе се очистат од боубите.

Во некои делови на Македонија еден од главните елементи на Прочка е маскирањето кое е пагански обичај останат од древнина. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Во Македонија има два настана со маски: Струмичкиот карневал – Тримери и Прилепскиот – Мечкари, кои од година во година стануваат се поголеми.

Поврзани написи