Со почит кон големиот патриот Спаско – Спасе Трпоски

May 19, 2013
Со почит кон големиот патриот Спаско – Спасе Трпоски
Спаско Спасе Трпоски (1947 - 2000)

Спаско Спасе Трпоски (1947 – 2000)

На денешен ден, 19 мај 1947 година е роден Спаско-Спасе Трпоски ( 1947-2000 ), патриот со големо македонско срце.   По тој повод и со посебен пиетет кон неговото дело за Македонија и Волино решив да  ги напишам овие неколку редови текст, затоа што Спаско тоа го заслужува, а тоа е и нешто најмалку што можам да го направам. Во текстов ќе изнесам неколку мои сеќавања од дружењата со Спаско, бидејќи  ја имав таа среќа во еден дел од неговиот живот  да се дружам со него и да бидам дел од неговите заложби за поубаво Волино. Овој текст ќе биде и своевидна најава  за посебниот фељтон за Спасе ( така го викавме ние волинци ) што имам намера да го подготвам и објавам на volino.mk.

За Спасета и за неговата бунтовна природа знаев уште од дете. Слушав за неговиот патриотизам, но во тоа време тоа беше далеку од мене, сеуште не бев созреан за тие работи што тој ги прокламираше. Поголем контакт остварив на почетокот на  1990 година, кога се најави новото демократско време, а јас бев студент на правните науки во Скопје. Разговаравме за  новото време кое доаѓаше, уривањето на комунизмот и секако за развојот на Волино. Ме поттикнуваше активно да се вклучам во уривање на тогашниот совет на месната заедница и конечно да ги донесеме промените во Волино. На почетокот на март 1990 година  рече дека заминува за Австралија и вечерта пред заминување ми остави пристапници од тогаш националната партија-движење МААК, која беше во основање. По неговото заминување со група на интелектуалци покренавме иницијатива за смена на советот на месната заедница и по една долготрајна демократска, но и судска борба тоа успешно го завршивме, а во меѓувреме, на 17 јуни 1990 година се формира и новата политичка партија ВМРО ДПМНЕ. Спасе се врати во јануари 1991 година. Бев млад, на 25 години, претседател на советот на месната заедница. Спасе беше тој кој ми помогна да реализираме неколку значајни идеи за Волино. Една вечер почна да ми набројува- ќе го изградиме речното корито, спомен парк, споменик од Илинден, ќе го реновираме селскиот дом. Го гледав и го прашав- “добро бе Спасе се тоа убаво си го  смислил , а пари, ние немаме пари. Не грижи се за тоа, ќе има “ –ми рече и се насмевна. И навистина дојдовме до пари, една јануарска вечер во селското бифе ги собра сите волинци кои за празниците беа тука, им ја кажа идејата и прв извади пари, а по него и другите. Се собра почетната сума, се почнаа работите, а потоа се беше полесно, стигнаа донации од нашите во дијаспората и од тукашните волинци и едноставно почнавме да го градиме новиот лик на Волино. Ова е вистината за тоа како почна да се гради новото Волино. Потоа дојде неговата идеја и за изградбата на црквата “Св. Недела,” заеднички ја почнавме организацијата на Волинските средби, па издавањето на првата монографија за Волино, Комитската вечер во 1995 година. Од Австралија го донесе грбот на Волино кој го изработил со неговите браќа, кој успеавме да го наметнеме како официјален симбол на селото, денес широкоприфатен од сите, симбол со кој се гордееме. Морам да кажам и потенцирам најтешкото беше да се почне, а за тој почеток најзаслужен беше токму Спасе. Со неговиот црвен “кадет” поминавме илјадници километри насекаде каде што беше потребно да побараме помош за нашите градителски потфати. Се на негова сметка. Не жалеше време и пари кога се работеше за Волино. Само незнам колку пати отидовме кај директорот на “Водовод и канализација” Струга, Веруш да го молиме за водоводот, за конечно на Ѓурѓовден 1996 година свечено го пуштиме во употреба новоизградениот водовод. Потоа се редеа проект по проект и со задоволство можеме да констатираме дека Волино   денес  е нешто сосема друго од она што беше до 1990 година. Меѓутоа, не одеше се така лесно. Имавме многу противници. Водевме борба против уривачите на конакот кај “Св.Недела”, против пропагандите за нашите градби, а она што најмногу ми остави впечаток кај овој голем човек е кога бев тенденциозно пријавен за наводни злоупотреби на парите од месната заедница, пред инспекциските служби за јавни приходи и полицијата дојде со мене, иако не беше член  на месната заедница, за да докажеме дека сме чисти. И докажавме. Со официјален документ-извештај на ревизорите.

Спасе имаше уште многу идеи за Волино. Дел од тие денес се веќе реализирани, дел ќе треба да ги реализираме, како што е изградбата на амбулантата и музејска постановка за Волино. Со Спасе соработувавме и партиски, во ВМРО ДПМНЕ. За негoвиот патриотизам, онака како што јас го видов, за љубовта кон ВМРО ДПМНЕ, за судирот со Голубовски, за разочарувањето од тогашното раководство на ВМРО ДПМНЕ, за дружбите со неговиот соборец и близок пријател Владо Транталовски од Ресен и со идеологот на ДПМНЕ,  Драган Богдановски поопширно ќе пишувам во најавениот фељтон.

Со Спасета последен пат се видовме една недела пред да почине. На патување со семејството за Скопје дојде кај мене во општина Мешеишта, каде што тогаш работев. Ми го донесе судскиот предмет  кој се водеше против  црквата “Св. Недела” и повторно разговаравме за нови проекти за Волино.

Таков беше нашиот Спасе. Иако беше со нарушено здравје, беше неуморно посветен на Волино до последниот негов здив. Го чувствував како родител, бидејќи секогаш ме храбреше и ми даваше добронамерни совети. Поради мојот младешки занес некои од нив можеби не сум ги прифатил, но времето покажа дека биле искрени и добри. Дружејќи се со мене често знаеше да ми рече-“се дружам со тебе иако си многу помлад од мене, бидејќи така и јас  се чувствувам млад.” Оваа негова мисла и денес ми одзвонува и затоа и јас  ја практикувам во мојот однос кон младите.

И затоа и тринаесет години по неговата прерана смрт спомените за Спасе и неговото дело не бледнеат. Со своите дела за Волино и Македонија Спасе  не задолжи сите нас.

Почивај во мир мој искрен пријателу и голем човеку !

Спасе со Драган Богданоски и Владо Транталоски, во Минхен

Спасе со Драган Богданоски и Владо Транталоски, во Минхен

 /фотографиите се позајмени од фб страната за Спасе /

Пишува:  Зоран Ногачески

Поврзани написи