Сретение Господово, 15 февруари

February 15, 2017
Сретение Господово, 15 февруари

Празникот Сретение Господово е празник на сретнување на човечката душа со Оној кој не создал и ни го дал животот, за да го преобразиме “во чекање на Бога”.

 Радувај се, благодатна Богородице Дево, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, Кој ги просвети оние што беа во мракот. Весели се и ти, старче праведен, зашто си Го примил во прегратките Ослободителот на нашите души, Кој ни дарува воскресение (тропар).

 

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Сретение Господово, што секогаш се празнува 40 дена по Рождество Христово. Според еврејските закони Богородица на 40-тиот ден по раѓањето го однесла Исуса во црквата за да го посвети на Бога, а самата да се очисти.

Во тоа време таму затекнала еден побожен старец по име Симеон кому претходно светиот дух му беше претскажал дека нема да умре се додека не го види Спасителот. Кога Богородица со Исуса пристигнала во црквата старецот Симеон возбуден го подигнал малиот Исус и му благодарил на Бога  Потоа Симеон и ги претскажал на Богородица страдањата на нејзиниот син, што ќе бидат причина и за нејзините страдања. Во тоа време во храмот влегла и пророчицата Ана, побожна старица на осумдесет и четири години која знаела за раѓањето на Спасителот. Таа го познала Богомладенецот, пристапила кон Него, почнала да Го слави Господа и им објавила на луѓето во Ерусалим дека тој е очекуваниот Спасител.

Во спомен на оваа средба на Исус и Богородица со праведниот старец Симеон и пророчицата Ана во црквата востановен е празникот Сретение Господово што секоја година се празнува на 15 февруари.

На иконата се гледа старецот Симеон кој во рацете го земе малиот Исуса, а се гледаат и Богородица, пророчицата Ана и свештеникот Захариј како и двата гулаба што Богородица ги принесла како жртва.
Меѓу народот се вели дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него.

Следниот ден по Сретение Господово,  односно на 16 февруари светата црква го празнува споменот на старецот Симеон и пророчицата Ана.

Поврзани написи