Свети архангел Михаил-празник на војводата на сите ангели

November 21, 2011
Свети архангел Михаил-празник на војводата на сите ангели

Меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на Свети архангел Михаил, кај нас меѓу народот попознат како Аранѓел. Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на Свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Пред да го создаде материјалниот свет, земјата, небото, ѕвездите, човекот ,Господ го создал духовниот свет – ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма.

Тие се Господови гласници (ангел значи весник) и ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца, бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто Архангел Михаил е насликан како војвода?
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават зло дела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.Со овој празник  ( 21 ноември) им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј.

Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места  е наречен „Арангел душевадник”. Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на Архангел Михаил. На 19 септември се празнува „Спомен на чудата на Св. Архангел Михаил“ во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога Свети Арангел Михаил ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи ја свртел во друга насока.

Во Волино Св.Архангел Михаил го слават Велјановци.

Именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Рајна, Ратка…

Поврзани написи