ТРЕТА МФЛ: Сатеска триумфално помина низ Македонски Брод

April 30, 2017
ТРЕТА МФЛ: Сатеска триумфално помина низ Македонски Брод

Екипата на Сатеска направи голем чекор кон обезбедување на опстанок во Третата лига Југозапад. Денес, во рамките на 23 коло, во натпреварот во Македонски Брод, со директниот конкурент, екипата на Пролетер 1937, Сатеска ги освои најважните три бода победувајќи ги домашните со резултат 3-2  ( 2-2 ).

Во првото полувреме најважните моменти се случија во 8 минути. Домаќините во 27 минута преку Трајаноски Кристијан први го отворија резултатот.

Три минути подоцна најдобриот стрелец на Сатеска и Третата лига, Секулоски постигна вистински евро гол, со прецизен удар од триесетина метри во горниот лев агол на голот на домашните.

Домашните вратија во 31 минута, домашниот играч Трајаноски Христијан ја искористи грешката на одбраната на Сатеска и повторно го доведе Пролетер во водство од 2-1.

Во 35 минута одличен продор на Секулоски по десната страна и нафрлување во домашниот шестерец, каде најприсебен беше Бочески за повторно израмнување, 2-2.

Во 53 минута Сатеска остана со десет играчи, откако Силјаноски Александар непотребно, а сосема заслужено доби црвен картон.

Сепак, тоа како повеќе да ги мотивираше гостите. Во 58 минута уште едно ремек дело на Секулоски, кој од слободен удар постигна уште еден прекрасен евро гол за водство и победа од 3-2.

Во продолжението домашните се обидуваа да дојдат барем до бод, во што не успеаа, а голманот Силјаноски имаше две-три одлични одбрани.

Домашните играа коректно, а натпреварот многу добро го водеше судиската тројка од Битола, на чело со главниот судија, Никола Гелевски .

Со оваа победа Сатеска е на чекор до опстанокот. Во наредните три кола два натпревари игра на домашен терен и со две победи опстанокот е загарантиран.

Првиот предизвик е веќе во среда, кога на Ѓоргов Мост доаѓа уште еден директен конкурент, екипата на Могила Бимилк. Со победа  веќе може да се размислува за следната сезона.

Поврзани написи