Успение на Пресвета Богородица – Заштитничка на Волино

August 27, 2018
Успение на Пресвета Богородица – Заштитничка на Волино

Богородице, и во раѓањето си го сочувала девството, а по своето успение не си го оставила светот, туку си се преселила во живот. Мајко на Животот, и со твоите молитви ги избавуваш од смртта нашите души.
/Тропар/

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица. Празникот Успение на Пресвета Богородица  се празнува на 28 август според новиот  (односно на 15 август според стариот) календар. За подостоинствено празнување на овој празник му претходи двенеделен пост што започнува на 14/1 август, односно на празникот Св. седум маченици Макавејски. Иако култот на Пресвета Богородица имал значајно место во христијанскиот свет уште од најстари времиња сепак празникот на нејзиното успение не се празнувал од почетокот. Во почетокот се празнувал празникот Собор на Пресвета Богородица, веднаш по Божик, а подоцна од овој општ празник на мајката Божја како и другите нејзини празници се одделил и празникот на нејзиното Успение.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености,  но и со народни собири, панаѓури и сл. што траеле и по неколку денови ги прославувал празниците на Пресвета Богородица како што се Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и сл.

На иконата Успението на Пресвета Богородица е насликано на овој начин: На одарот е поставено телото на Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче или нејзиното тело во минијатурна форма. На некои фрески меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце.

Вечерва во точно 00:00 часот со биење на црковните звона во масовен број  Волинчани како и гости од регионот и странство, будни го дочекаа големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Утринава во 09:00 часот ќе се одслужи Празнична Богородична литургија, во сослужение на парохискиот свештеник Диме Димоски, црква Успение на Пресвета Богородица.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.