Василица – Стара Нова Година

January 14, 2013
Василица – Стара Нова Година

На 14 јануари според новиот (односно 1 јануари според стариот) календар македонскиот народ празнува три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик – денот на Христовото раѓање.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Направил многу добри дела по кои црквата сеуште го споменува и секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божиќ до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата Божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат.

За заштита од овие негативни демони човекот во овој период  изведува  разни магиски заштитни дејствија. Учесниците во овие магиски игри во Македонија се познати под различни имиња: во Охридско-василичари, во Битолско-бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата-џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари. Очигледно е дека обичаите и верувањата поврзани со празникот Василица потекнуваат од претхристијанско време и дека нивна цел е да ги отстранат лошите демони но и да обезбедат среќа и напредок на поединецот како и на пошироката заедница.

Традиција е во западна Македонија вечерта да се јаде пита со паричка каде православните христијани го прославуваат доаѓањето на новата година според христијанскиот календар. Според стариот обичај, од питата секој добива по едно парче, а оној кој ќе ја добие паричката ќе има среќа и бериќет во текот на целата година.

Во селото Вевчани се одржува прочуениот Вевчански карневал кој од година во година станува се помасовен и попопуларен. Како туристичка атракција тој е посетен од многу гости и тоа не само од нашава земја.

Поврзани написи