Василица во Волино-обичаи и традиција

January 13, 2012
Василица во Волино-обичаи и традиција

Василица (Стара Нова Година ) во Волино се слави од памтивек. И во времето на комунистичкиот режим кога василичарските прослави се забранувале Волинци ја празнувале Василица и ја продолжувале традицијата која непрекинато трае до денес. Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање ( маски) , предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајда, тапан,кларинет,хармоника и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.Неколку дена пред Василица се собираат и дрва за василичарскиот оган. Во очи на Василица, вечерта Волинци се собираат на сретсело (срецело) каде се пали Василичарскиот оган, кој ја симболизира Божјата светлина. Младите се маскираат, односно се прават бајачи. Василичарите ги имаат традиционалните ликови-зет, невеста, гатач и тркалач. Зетот, облечен во народна носија носи и стап со кој се брани да не му ја грабнат невестата или пак ги фаќа луѓето и ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш е машко лице, облечено во невестинска облека и претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарската прослава се и свирачите кои ги веселат присутните.
Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.

Василичарите ги посетуваат сите домови, играат ора и пеат песни по што добиваат дарови во пари или продукти . Се започнува од долна маала, од кај Никола Војданоски, се влегува во секоја куќа и се завршува кај Јонче Иваноски.  На невестата и се даваат пари, на зетот му се дава суво месо,  колбаси,  вино, ракија, дрва,  и сето тоа се прибира. Во куќата, таа ноќ, сè е осветлено. Во минатото со борина, подоцна со газиена ламба, а сега со електрично осветление. Никој не спие. Дури ни најмалечките, сите ги очекуваат бајачите. Некаде домаќините намерно ја затвораат вратата, а василичарите удираат со стаповите викајќи: “Отвори домаќине!”, по што им се отвора. Притоа, во секоја куќа се благословува и се честита Новата година.

Благослов
Колку трна, претрна, толку амбари пчејнца!
Колку капки сланина, толку прасци в кочина!
Колку трошки сирење толку јагниња, јариња!
Колку писма, преписма, толку синчиња, ќерчиња!

Дента, на Василица најпрвин се оди  во црквата, а утрото сколеда одат мали деца. Тие одат со прачки и на три пати ги суроисуваат домашните со зборовите “Сура година!”,кои симболизираат здравје, а им се одговара “За многу години! , со што всушност се честита Новата година.. Преку ден на срецело се организира прослава со музика и маскирани,  еден вид маскенбал. Исто така, се организира лицитација на која се продава она што е собрано (зајрето) вечерта. Средствата од продажбата се користат за најразлични селски потреби.

httpv://www.youtube.com/watch?v=Gznjyy4sAz0

На Василица се оди во сите домови во кои има Васил и се честита именденот.

Обичај е за Василица да се зготви пита (преснец) и во неа да се стави пара, како и домашни колбаси (луканци).

На Василица во Волино се пее  василичарската песна:

-Сива, сива гулабице, каде си се осивила?
-Там
y долу на Бел Дунав!
– Што имаше, што немаше?
– Една чаша икона 

И та беше Божикова!

Василичари-бајачи во минатото

Василичари-бајачи во минатото

Бајачи-Науме Спироски,Климе Ногачески и Ристе Секулоски

Бајачи-Науме Спироски,Климе Ногачески и Ристе Секулоски

Климе Ногачески-невеста,1970 година

Климе Ногачески-невеста,1970 година

Подготовки за василичарскиот оган, 2011 година

Подготовки за василичарскиот оган, 2011 година

Најмладите василичари, 2011 година

Најмладите василичари, 2011 година

Поврзани написи