Волинци се горди на уште една традиција, а тоа е пролетното враќање на штрковите. Така е и оваа година. Со доаѓањето на пролетта парот штркови се врати во своето гнездо на врвот од селското училиште.

Тоа е онаа убава бела птица која прави огромни гнезда на нашите бандери, оџаци и на други високи места, птица која ја има низ цела Македонија.

Штрковите се високи, водни птици  со долг врат, долги црвени нозе и шилест црвен клун. Белите пердуви на главата, вратот и телото се во контраст со црните пердуви од крилјата кои имаат виолетов и зелен сјај. Многу е лесно да се препознае звукот што го прави штркот – тој треска со својот клун на многу карактеристичен начин и тоа звучи како удирање на два дебели стапа. Гнездата на штрковите се многу големи и сместени на високо, со широк поглед наоколу. Во нашите краишта доаѓаат од источните брегови на Африка. Прелетуваат над 1.000 километри и секогаш се враќаат во истото гнездо. Колку и да е урнато гнездото тие ќе се мачат, ќе носат сламки, гранки, врвки, коса, пак ќе си го свијат по своја мерка. Штрковите обично ги прават своите гнезда во еколошки чисти средини, во близина на бари и мочуришта, и се одличен показател за состојбите во ливадите и пасиштата. За нив велат дека се социјални птици. Младите мажјаци во потрага по женки, за да ги привлечат, градат големи гнезда. Тие се грижат и за исхраната на семејството. Женките, пак, како и обично, ги чуваат и одгледуваат младите.

Доцна во август без да забележи никој, си заминуваат на југ, да се скријат од студот. За жал, во последниот век бројот на штркови се намалува. Причината за тоа најверојатно е промената на климата и намалувањето на водни живеалишта.

Штркот, во западните култури симболизира пород, во во цртаните филмови со клунот ги носи бебињата до прагот или ги спушта низ оџакот. Од каде оваа симболика на запад? Сигурно е преземена од кај нас! Зашто во нашиот фолклор штркот го симболизира семејството, домот, верноста, но и постојаното обновување – зашто секоја пролет тој повторно доаѓа, неуморно патува за да дојде пак во своето старо гнездо.

Во Волино штрковите доаѓаат оддамнина. Волинци се посебно горди на тоа и со радост се очекува секое нивно враќање. Всушност, штркот за Волино е своевиден заштитен знак, кој ние, Волинци секогаш го истакнуваме како предност во однос на другите села, каде што штркот не доаѓа. И навистина штрковите не доаѓаат во секое село, и тие избираат каде ќе се населат. Затоа, сме посебно горди што го имаме.

Штрковите во Волино на повеќе пати го имаат менувано гнездото или по наше седелото. Едно време беа сместени на старата плевна од Дојчин Мочароски, потоа на јасиката до куќата на Милан Јовески, а по нејзиното сечење, пред околу 25 години се сместуваат на најдоброто место, каде може секој да ги види, на врвот од селското училиште, во центарот на Волино.

На крај да се вратиме на насловот. Ако Волино навистина е топлата страна од сонцето, нешто што е лајт мотив на нашата веб страна, тогаш слободно можеме на тоа да додадеме дека Волино е и местото каде луѓето и штрковите секогаш се враќаат.

Пишува: Зоран Ногачески