Волино

На 13 Km од центарот на Охрид по магистралниот пат Охрид – Скопје, кај селото Требеништа, од левата страна, води пат северозападно и на 2 km е селото Волино. Значи од Охрид, Волино е одалечено 15 km. а од аеродромот “Св. Апостол Павле” 6 km.

Селото Волино е расположено покрај реката Сатеска, јужно од котата 710. Непосредно  над селото е главата на каналот преку кој од 1959 година реката Сатеска се влева во Охридското Езеро. Всушност селото Волино е меѓу реката Сатеска и каналот на реката Сатеска. Се наоѓа на 709 m надморска височина, односно 14 m над Охридското Езеро релативна височина.

Волино е опкружено со бројни села. Северно од него се селата Џепин и Корошишта, јужно е Мислешево, југоисточно – Требеништа, североисточно – Мешеишта, неколку кm  северозападно – Ливада, а југозападно селата Дрслајца и Мороишта. Практично Волино е раскрсница за сите овие населби, со повеќето од нив е повразано со асфалтирани патишта. Северните соседни села се во подножјето на јужните падини на планината Караорман. Јужно и западно од Волино се протега поголемиот дел од Струшката Котлина до Охридското езеро и реката Црни Дрим. Западниот видик го затвора сртот на планината Јабланица со врвовите Кокало (1919), Ќумин Врв (2125), Црн Камен (2259) и др.

Покрај Волино тече реката Сатеска (која се образува на селото Ботун од Песочка Река, Голема Река, Белчишка Матица и други дебрчки потоци и поточиња) и се влева во Црни Дрим. Во 1959 година почна изведувањето на работите, а во 1960 година веќе беше готов каналот по кој Сатеска го мена коритото и дирекно се спроведе во Охридското Езеро. Меѓутоа во 2010 година поради големите врнежи на снег и дожд нивото на реката ја надминуваше висината на коритото и излевајќи надвор од текот предизвика големи штети на земјоделските површини. Со таа цел беше обновено и проширено старото речно корито. Свртувањето/браната е непосредно над Волино. Во иднина ова течение на реката Сатеска се планира да се користи во услови кога нивото на водата ја надминува максимално дозволената граница. Дел од реката Сатеска тече низ селото,  делејќи го на две половини. Тоа е вода што во минатото се користела за водениците и наводнување на земјоделските површини, а денес исклучиво само за наводнување.

Охридско – струшката област се наоѓа на 41 о СГШ. Од Јадранското море е оддалечена 110 km воздушна линија. Поради ваквата географска положба би требало да има средноземна клима. Меѓутоа, бидејќи меѓу оваа котлина и Јадранското море се наоѓаат високи планини, а и самата е на висока надморска височина (на 695 m е Охридското Езеро), таа има изменета средоземна клима. Охридското Езеро со водената површина од 348 km2 и длабочина од 248 m благотворно влијае на климата на целата област.

Средната годишна температура се движи околу 11 oC (10,9 – 11,5 oC). На секој 100 m надморска височина температурата се намалува за 0,5 oC кога почнува вегетацијата( поаѓањето на соковите), средната месечна температура е 15,1 oC, а вегетацијата почнува на 8 oC. Тeмпературата во месеците јуни јули и август се поволини за создревање на плодовите. Доцните пролетни и раните есенски мразеви се јавуваат во април и ноември.

Врнежите се движат од 682-794 мм. Најмногу врнежи има во зимските, а најмалку во летните. Снегот кусо се задржува, но во доцна пролет и лето паѓа и град, поради тоа во подножјата на планинските ограноци има проднивградбијни станици. Врнежите се добро распоредени.

Главно занимање во Волино е земјоделството. Најмогу се садат житни култури: пченица, пченка, ‘рж и јачмен. Заедно со пченката се сади грав и тикви. Обработката на почвата до шеесетите години на XX век било на примитивен начин. Се користеле рала, домашни животни, по жетвата просто се користеле тупаници за мерење на површината. Како доказ за тогашниот тежок жетварски живот говорат и многубројните народни жетварски песни.

Сточарството во Волино било застапено уште од самиот постанок на селото. Масовно се одгледувале свињи поради богатоста со пченка и друга сточна храна. Големиот број на природни пасишта во текот на пролета и летото биле полни со говеда и овци. Меѓутоа со текот на годините и појавата на механизацијата нивниот број драстично е намален. Кон крајот на XX век бројот на овците со текот на годините се намалуваше, за денес нивниот број се сведе на нула.

Живинарството е доста развиено. ОД домашните птици најбројни се кокошките, па патките и гуските. Во поново време покрај старата домашна патка, се одгледува и патката “јапонка”, чие месо е повкусно и има поголема несивост на јајца.

Со градинарство речиси и да се занимава скоро секоја фамилија. Покрај за свои потреби се одгледуваат култури и за пазар. Најмногу се сади: пиперка, компири, кромид, лук, домати и зелка.

Овошни насади во минатото најчесто се одгледувале по меѓите на нивјето и зеленчуковите градини колку за домашни потреби. Денес се садат се поголеми површини – овоштарници. Се користат нови сорти на овошки кои даваат поголем и поквалитетен принос. Успеваат: јаболка, круши, сливи, праски, дуњи,цреши, ореви и др.

Одлегувањето на виновата лоза во Волино е од дамнина, но меѓу двете светски војни настрадала од болеста филоксера. Во воениот период (1941-1944) се обновени лозвите насади со хибридна лоза (талајанка), но таа подоцна падна под удар на законот за лозарство. Сега се одгледуваат нови, високопрдуктивни сорти на винова лоза: памит, хамбург, вранец и др.

Денес во Волино за обработка на почвата т.е во целото земјоделско производство се користат современи машини и технологии за интензивно производство.